Дали Грција ќе ја почитува својата страна од договорот?

 

Гледајќи ги техничките аспекти на процесот на имплементација на договорот со Грција, од кога ние би требало да ги изодиме болните уставни промени, (ако тоа се случи), прво што паѓа на памет е дали Грција ќе почитува уште еден меѓународен договор и истиот ќе го ратификува во парламентот или не?

Не треба се гледа далеку да се види дека Грците и Грција не почитува меѓународни договори.

После влегувањето на Грција во Европската Монетарна Унија, со поднесување на сомнителни статистички извештаи, и имплементација на Еврото, со години, од 2005-2009, Грција не се придржуваше на договорот од Maastricht и ги фризираше статистичките податоци кои ги оставаше до Евростат. Кога финансиската криза пукна во 2008, Грција доживеа економска катаклизма како резултат на непочитувањето на договорот за Европска монетарна унија.

Впрочем ние сме дојдени во оваа ситуација да бидеме блокирани во НАТО и ЕУ зошто Грција го прекрши заедничкиот договор со Република Македонија.

Во 2004 во Кипар се случи договор меѓу Кипарските Турци и Грци, нешто слично како и сега меѓу Македонија и Грција. Се одржи референдум, Турците го прифатија договорот а Грците не.

Со имплементација на срамниот договор од наша страна, постои ризик Грчкиот парламент никогаш да не го ратификува истиот оставајќи не заглавени со срамно име и обезличени. Ова е реална опција, мнозинството Грци се против договорот а и коалициониот партнер на Ципрас, Каменос е цврст во ставот дека нема да гласа за истиот. Впрочем Сириза и Ципрас се ислкучок а не константа во Грчката политика. Сириза за прв пат има освоено најмногу гласови во Грчкиот парламент и дојде на власт како резултат на разочараноста на Грците од политиките на ПАСОК И НЕА Демократија, своевидна казна кон нив. Со поднесување на спогодбата пред Грчкиот парламент, и негово пропагирање, Сириза се изложува на своевиден политички линч знаејќи дека поголемиот дел Грци не го прифаќаат истиот. Постои можност да бидат збришани од политичката мапа оставајќи го не ратификуван договорот.

Под ова сценарио можно било да за возврат на непоминувањето на договорот во Грчкиот парламент, Грчката влада да ја дигне рампата за влез во НАТО така да ние влеземе во НАТО, прекрстени но со не ратификуван договор во Грчкиот парламент. И ова е реална опција.

Третата и исто толку погубна варијанта е грчкиот парламент да го ратификува договорот и Македонија под срамно име да влезе во НАТО, но некоја идна Грчка влада да стави вето во нашето напредување кон ЕУ. Исто како што Грците направија со привремениот договор со Република Македонија кој во 2008 го прекршија.

Ова е можно да се случи зошто со сегашниов договор, Грција не го признава македонскиот идентитет а поголемиот дел од Грчките политички партии никогаш нема да се помират дека дел од името на нашата држава го содржи името Македонија. Ова е еден разлог повеќе зошто да не го имплементираме договорот и да идеме на бојкот на референдум.

Во меѓународното односи ако парафирате договор кој се нарекува финален тоа не значи дека Грција ќе се придржува кон истиот. Впрочем Грците имаат една феноменално добра уценувачка алатка која ЕУ ја пропагира а тоа е дека земјите кои сакаат да бидат дел од ЕУ не треба да имаат отворени прашања со ниедна земја членка на ЕУ. И пред да земјата аспирант влезе во ЕУ, она треба да ги реши сите отворени спорови со друга земја членка на ЕУ. Имајќи во предвид дека Грците пропагираат дека,  не можеш да бидеш Македонец а не си Грк, поголем број Грци се против договорот, најголема опозициска партија Неа Демократија е против, тогаш со сигурност може да се претпостави дека уценувачката ЕУ алатка ќе биде применета во иднина без разлика дали ние ќе го промениме своето уставно име или не.

И сега замислете можно сценарио во кое Република Северна Македонија влезена во НАТО а заглавена во процесот на пристапните преговори со ЕУ под нови грчки притисоци за промена за Јазикот и националноста зошто тие изразуваат иредентизам и неможност за меѓусоседско живеење.  Звучи познато? За огромниот број Грци, ние Македонците сме она што на нив и смета и се што е Македонско. Со Преспанскиот договор, не се решава македонското прашање со Грција, напротив, се заслабува Македонската позиција а и се остава на Грција уште една можност да стави рампа во иднина.

Во овој контекст не навлегувам кон анализа на безобразната дрскост на оние кои се на власт да се дрзнат да се обидуваат да менуваат уставно име на нашата држава која е дел од нашиот идентитет а со тоа правејќи еден правен меѓународен преседан кој би се изучувал во меѓународните односи како единствен светски пример како да се склучуваат договори на штета на своите интереси.

Затоа бојкот на претстојниот референдум е своевидна наша заштита за да ги делегитимираме политиките на сегашната власт и да не и дозволиме на Грција пак да ни стави вето во иднина.