Проф. Росоклија: МАКЕДОНСКАТА ЗИМА ЌЕ ДОЈДЕ РАНО!

ОД НАС И САМО ОД НАС ЗАВИСИ ЗА КОГО? ЗА НАС МАКЕДОНЦИТЕ И ЗА МАКЕДОНСКАТА ДРЖАВА ИЛИ ЗА ИНСТАЛАЦИЈАВА НА ВЛАСТ СО ПРИФАТЕНА ЗАДАЧА ДА НЕ ИЗБРИШЕ ОД ПОСТОЕЊЕ?

Еден пријател Албанец од Зајас, ми го раскажа следново. -Мојот дедо тргуваше со Јован Муратовски од Галичник. -Тој ми е дедо, прв братучед на баба ми Неда-му одговорив јас. -Во годините после војната (продолжи пријателот), мојот дедо му рекол на својот помошник, да оди во Галичник околу трговијата но и да го праша Јован Муратовски каква ќе биде иднината? Помошникот отишол во Галичник, се сретнал со Јован Муратовски, ја направил трговијата, му го поставил прашањето и се вратил во Зајас. Дедото на мојот пријател го прашал што му кажал Јован? -Не ми кажа ништо, рече само дека зимата ќе дојде многу рано. -Сѐ ти кажал-му рекол дедото на пријателот.

Таа зима, државата спровела одземање на имотите и на овците на сите што имале способност да ги создадат со ум и труд низ генерации. Во истиот период, Јован Муратовски кому мајка ми му направила тотални протези, влегува во амбулантата и и вика: -Невесто Блажеице (татко ми е Блаже), дојдов да ти ги вратам забиве (зобиве). -Зошто да ми ги вратиш чичко Јоване, ако не ти чинат ќе ги поправиме. -Не, зобите си се арни, овие (власта) сѐ ми зедоа, зобиве повеќе не ми требаат. Зимата во Македонија овој пат ќе дојде многу рано! На нас Македонците е да одлучиме дали ќе дојде рано за власта, или за нас како народ, нација и македонска држава.

 

Обсервер, 21.08.2018