Што е тоа што ѝ пречи на Грција во членовите 3 и 49 и во Преамбулата од Уставот на Република Македонија?

Кога за време на преговорите за промена на името македонската страна го предложи името „Илинденска Македонија“ и се закани со „сѐ или ништо“, грчките политичари веднаш реагираа и кажаа дека споменувањето на Илинден за нив е иредентизам. Со овој предлог несреќни беа и во Бугарија, кои рекоа дека тие имаат проблем со вториот Илинден во Македонија, со АСНОМ. И двата Илиндени се дел од Преамбулата во Уставот на Република Македонија. Со потписот на договорот за промена на името се обврзавме да ги смениме.

Името „Илинденска Македонија“ за Грција не го елиминира иредентизмотна кој за време на преговорите толку многу инсистираа преговарачите на „првата страна“. Грција смета дека тоа име го зајакнува иредентизмот затоа што „историски и директно се поврзува со стремежот за создавање „македонска“ нација и држава што го вклучува Солун и се протега до Егејско Море. Какво било споменување на Илинден во името на соседната земја не само што не му става крај на иредентизмот на Скопје, туку напротив, го потврдува и го зајакнува. Илинденското востание и името на Илинден се идентификуваат со македонскиот иредентизам. Тоа е име што беше идентификувано со националистичко востание, кое тогаш, како централен слоган ги имаше Македонија на Македонците и формирање на една голема Македонија, со главен град Солун“, изјави тогаш лидерот на опозициската Нова демократија Кирјакос Мицотакис.

Грчката власт веднаш го одби предлогот на Зоран Заев и Никола Димитровза ново име „Илинденска Македонија“.

И во Бугарија политичарите не беа среќни со ова име и бараа појаснување дали со ова се алудира на првиот Илинден, востанието од 1903 година, или на вториот Илинден, Првото заседание на АСНОМ во 1944 година. За нив е проблем вториот Илинден од македонската историја, АСНОМ, бидејќи тие сметаат дека Илинденското востание од 1903 година е бугарски историски настан.

„Вториот Илинден пак, како што го нарекуваат, е поврзан со Прохор Пчински, но тоа не е изворно македонска историско придобивка, на македонските комунисти, туку тоа е дел од југословенската историска конотоција на создавање на неколку единки за новата држава“, изјави тогаш историчарот Ангел Димитров, првиот човек на бугарскиот тим од заедничката мултидисциплинарна Комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Македонија и Република Бугарија.

 

Уставни измени според Договорот меѓу Македонија и Грција

По сите овие грчки и бугарски интерпретации на Илинден, потпишан е договорот од Нивици (Псарадес), кој во членот 1, точка 12 предвидува: „Натаму, Втората страна (Република Македонија – н.з.) ќе пристапи кон усвојување на соодветни амандмани на Преамбулата, членот 3 и членот 49 од Уставот, како дел од постапката за менување на Уставот“.

Досега, никој официјално не излезе да каже што всушност значи ова.

Ќе се бришат ли Илинден и АСНОМ во Уставот?

Ако може да претпоставуваме од она што Грција досега успешно го спроведува во однос на својата стратегија за промена на името на нивниот северен сосед, ова би требало да значи дека македонските пратеници во декември треба да прифатат бришење на Илинден и АСНОМ од Преамбулата.

Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија пишува дека нејзините граѓани и народи „…во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава…“.

 

Што треба тука да се избрише и да се промени според Договорот меѓу Македонија и Грција?

Во одлуките на АСНОМ е и решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава. А за таа држава во Декларацијата на АСНОМ пишува: „Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци – на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија“.

Овие три точки, македонски јазик, одлуки на АСНОМ и обединета Македонија, очигледно е дека предизвикуваат сериозна алергиска реакција кај грчките политичари.

Во Договорот со Грција се предвидува и измени во член 3 од Уставот на РМ.

Еве што пишува во член 3 од Уставот на РМ: „Територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница на Република Македонија е неповредлива. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот“.

Освен името Република Македонија кое треба да се замени со Северна Република Македонија во стотина членови од Уставот, зошто токму овој член е потцртан во спогодбата?

Истото важи и за член 49. „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Републиката во странство“.

Што тука треба да се избрише, освен целиот член затоа што со договорот Втората страна всушност потврдува дека во Грција нема Македонци. Нешто слично е и во Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија.

Во пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг се потврдува дека во Уставот на Република Македонија нема „иредентизам“. Кои „иредентистички“ делови сега ќе се менуваат со соодветни амандмани на преамбулата, на член 3, на член 49 и на сите други членови во Уставот?

Што друго ќе се менува во Уставот ако сме прифатиле дека придавката „македонски“ нема да се употребува (член 1, точка ф од договорот: придавската референца за Државата, за  нејзините официјални тела и за други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на Втората страна или со нејзиното скратено име, што значи, „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“).

Во член 19 од Уставот на РМ на пример се споменува и Македонската православна црква. Ќе има ли амандман и на овој дел од Уставот, па МПЦ да стане ОА (Охридска архиепископија)?

 

За Грција АСНОМ е извор на иредентизмот, а за Македонија темел на државата

Политичкиот аналитичар Љупчо Ристовски веќе подолго време апелира да не се излегува на референдум ако не се знаат уставните измени, ако не се знае што тоа власта планира да измени во декември.

„Ако Владата е искрена пред нацијата во своите намери да го сочува националното достоинство на македонскиот народ треба да го сподели оригиналниот текст на амандманските интервенции во Уставот. Владата нѐ фокусира на референдумот и ја исцрпува енергијата на нацијата со формата. Суштината е Уставот и амандманската интервенција по референдумот. Таргет на Грција беше Уставот, а механизмите и патот до тоа не ги интересира. Затоа свртете го фокусот на вашето внимание на уставните амандмани и во еден глас да бараме нивна објава пред референдумот, до точка и запирка. Или попластично: Ако преамбулата е главата на Уставот, во неа се дефинира личниот опис на државата и нацијата која ја организира. Целта на Грците е да извршат „пластична операција“ со која ќе ни го смени личниот опис на нацијата и плус „неврохирушка операција“ со која ќе ни ја извади меморијата од главата (оти тоа е историјата – меморијата на еден народ) и да ни вгради чип со нови историски информации кои се лажни, притоа со наша писмена Изјава за согласност (референдумот)“, вели Ристовски.

Референдумот е веќе закажан за 30 септември, а никој уште не кажува што всушност ќе се менува во Уставот на Република Македонија, во Преамбулата, во член 3, во член 49, во член…

 

MKD, 26.08.2018