Руска Анализа за Македонскиот референдум

Во февруари 2008 година парламентот на т.н. „Република Косово“ еднострано ја прогласи независноста од Србија. Овој чекор, што беше последица на повеќегодишната злосторничка политика на Западот во однос на Белград, кулминираше со агресија против една суверена земја, со насилно отцепување на дел од нејзината територија и смрт на илјадници цивили. Овој чекор бесрамно и отворено го прекрши меѓународното право. Прогласувањето на независноста беше темелно спротивно на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Според оваа резолуција покраината мораше да остане неотуѓив дел на Србија. Меѓутоа, Вашингтон, Лондон и Париз го признаа суверенитетот на косовската квазидржава. Како образложение, тогашниот државен секретар на САД Кондолиза Рајс велеше дека станува збор за некој „посебен случај“, за наводна исклучителност на ситуацијата во Косово. Така беше создаден преседанот на „посебен случај“ кој ја отвори Пандорината кутија не само во регионот, туку и во светската политика.

Современата англосаксонска политичка пракса се базира врз двете клучни тези. Првата е дека сите средства може да бидат искористени за постигнување на „нашата цел“. Втората е дека не треба да се крши она што работи. Судејќи по ова, експериментот со косовскиот „посебен случај“ Западот го призна како успешен и сега се обидува да ја прошири оваа шема на целиот балкански регион.

Знаците на таквиот пристап денес ги гледаме и во Македонија каде што под изговорот на исклучителниот историски момент и на „прекрасната европска иднина“, чекор по чекор ја извлекуваат земјата надвор од границите на правото, на правното поле, а тоа секако провоцира нестабилност во општеството.

Повеќе угледни правници констатираат дека Преспанскиот договор подготвен во услови на вештачки создаден цајтнот, како и неговото потпишување, ратификација и евентуално натамошно имплементирање е спротивен на Уставот и на законодавството на Република Македонија. Претстојниот референдум на 30 септември, кој во суштината мора да биде најтранспарентната и најдемократска форма на изразување на волјата на народот, исто така има вродена правна маана. Прашањето на референдумот врзува дури три сосема различни теми (Преспанска спогодба, членство во ЕУ и членство во НАТО). Затоа уште однапред прашањето не е во согласност со нормите на внатрешното право, со Уставот на земјата, ни со препораките на Советот на Европа, ниту пак со решенијата на европските судови во слични случаи. Згора на тоа, на државјаните на Република Македонија им се „труби“ со препораки масовно да излезат на референдумот не само за да го легитимизираат овој правен нонсенс, туку и да се откажат од името на сопствената земја. А тоа значи и од темелните врски кои се идеолошка основа на македонската нација. Според одредбите на договорот, тоа е изземање на Илинден и АСНОМ од преамбулата на Уставот.

Западот очиглено е дека нема проблем со овој апсурд. Како и во случајот со Косово, тука важи истата логика на „посебниот случај“ потребен на политичките интереси на Вашингтон и Брисел.

Токму затоа се игнорираат и правните норми и фактот на отсуство на широка општествена поддршка на Преспанската спогодба и во Грција, и во Македонија. Главното е тоа што активно функционира механизмот на директно мешање на Западот во македонските работи. Западот овде почна моќна пропагандна кампања „за“ референдумот со ангажирање на „својот“ дипломатски кор, политичари од САД и од земјите на НАТО и ЕУ, на контролираните од нивната страна НВО и медиуми. Со пари од странските фондации, што е забрането според законодавството на Република Македонија, на големо се врши „перење на мозоци“, се зголемува притисокот врз неистомислениците. Сликовито се раскажуваат приказни за апокалиптични сценарија во случај на негативен резултат на плебисцитот, се измислуваат теории на „деструктивното влијание“ врз политичките процеси во Македонија од страна на Русија, Кина, Турција кои наводно имаат корист од дестабилизација на регионот.

Меѓутоа, сите овие фингирања и вистински фејкови не можат да го скријат очигледното. Доколку логиката на толку неодговорното правно и политичко незаконско однесување, како што тоа веќе се случи претходно во Косово, повторно триумфира, таквиот пристап на никој начин нема да обезбеди одржливо и долгорочно решение на македонско-грчкиот спор. Тоа сигурно ќе доведе до еден куп нови сериозни проблеми. Меѓу нив се и вистинската перспектива на дискредитацијата на самата идеја за демократските процедури и за принципот на владеењето на правото, на уривање на темелите на сѐ уште кревката македонска државност, на сѐ пошироката и почеста употреба на „посебното“, односно надвор од правото, решение на експлозивните регионални проблеми, вклучувајќи ги меѓуетничките и територијалните.

Јасно е и другото – правниот хаос што сега го создава Западот во Македонија и можностите за манипулирање на јавното мислење кои произлегуваат од тоа, се насочени кон претворање на оваа земја, во суштина, во протекторат и полигон за воени вежби на НАТО по примерот на Косово. А тоа ја отежнува состојбата во регионот и успешниот развој на Република Македонија и на целиот Балкан.

 

Објавено во МКД.МК

 

 Олег Шчербак,

амбасадор на Руската Федерација во Македонија во заминување