Неопходноста од јавен простор и дебата и Договорот за името

Можни се правни и политички импликации кои Договорот за името и комплексниот член 1 може да ги повлечат и внатрешно и надворешно. Тоа не само што ќе се одрази на сегашноста, туку и на иднината, а со тоа и на минатото, и поради тоа неопходна е исцрпна научна и јавна дебата пред да се пристапи кон било какви промени за кои граѓаните не се ни запознаени.

Содржинските прашања поврзани со Договор за името кои остануваат нејасни за пошироката јавност, ја посочуваат неопходноста од слободен јавен простор и квалитетна дебата. Причината за целосното непостоење на отворен и суштински дијалог помеѓу разлличните политички актери и останатите заинтересирани страни во јавниот и политички простор е длабоката поделеност во јавната сфера во Македонија. Тоа резултира во постоење на две главни струи кои доминираат од осамостојување па до сега, а кулминираат токму со Договорот со Грција.

За потребата од инклузивен јавен простор

Постоењето на јавниот или политичкиот простор е карактеристика на суштинска демократија за која мислителката Хана Арент говори во своите дела, а кои денес одново привлекуваат огромно внимание вклучително во академската, но и во пошироката политичка сцена. Јавниот простор е оној кој не разделува, но и оној кој не` собира заедно, оној кој црта метафорички граници кои секојдневно се прошируваат, наместо да се стеснуваат бидејќи е инклузивен. Во спротивно, стеснувањето или ерозијата на јавниот простор подрaзбира дека елементите на тоталитаризмот земаат замав и би можеле да доведат до негова целосна ерозија – услови под кои впрочем се случиле концентрационите логори. Тие елементи на тоталитаризам вклучуваат: расна идеологија која се користи како политичка алатка во политичката сфера, пропратена со бирократија наместо суштествена демократија, пропаганда, тајни служби, контрола, терор, масовно општество изразено преку униформираност на ставови односно едномислеништво наместо различност на мислења, масовна самотија итн.

Секако, ова е екстремен случај, кој не е целосно применлив во македонскиот контекст, но сепак има сличности бидејќи постојат одредени индикации кои водат кон потребата од повлекување на вакви паралели. Едната и најиндикативната од нив е ерозијата на јавниот простор и целосниот недостиг на јавна дебата. Ваквата ерозија на јавното е резултат на дискурс во политичката сфера кој со години е врамуван и поделен во две струи, каде што различните ставови и мислења ниту се вреднуваат, а уште помалку се слушаат и се земаат во предвид. Овој дискурс е поттикнат и воедно поддржан од спротивставените табори на т.н. јавни интелектуалци, а убиствен за кое било општество не дозволувајќи различности на ставови и мислења. Да не зборуваме за штетата што ваквиот дискурс на двата табори кои функционираат по линија „или си со нас, или против нас“, гуши и усмртува било каков развој на критичка и независна мисла, која треба да е индикатор не само на слободно општество туку и карактеристика токму на овие јавни интелектуалци.

Потребата од припадност и приклонување кон групи и кланови и притоа прифаќање на се` што се сервира како крајна вистина и од едните и од другите, е проблем кој се провлекува низ македонското општество со децении наназад. Во моментов зема особен замав и е поткрепен со лично дискредитирање и фабрикување вистини преку спроведување на организирана пропаганда и од двата табори, а која кулминира во очи на претстојниот референдум со агитации од секаков вид. Еден од нив е доаѓањето на канцеларката Меркел и нејзиниот австриски колега и јасните притисоци за важноста на реферeндумот и неговата успешност преку гласање „ЗА”.

Кога ваквите притисоци и пропаганда се проследени со она што е веќе доминантен јавен дискурс на фабрикувани вистини, а олицетворен во и околу пофалбите на договорот од едниот табор на јавни интелектуалци, тогаш тоа е индикација дека слободата на расудување и одлучување на секој граѓанин е ставена во „канџите” на организирана пропагандна машинерија за наметнување на мислења и ставови. Слично е и со другиот табор на јавни интелектуалци кои пред референдумот го зајакнуваат својот наратив и се мобилизираат на секаков начин да наметнат националистички и тврдокорни ставови. Ваквиот дискурс на вторите, е резултат на игнорирањето и спонзорираната пропаганда промовирана од политичките кругови на власта. Овие два екстреми, за жал, единствено раѓаат омраза и уште поголема ерозија на јавниот простор и дебата кои моментално се во целосна кома од недостигот на одговорност на т.н. јавни интелектуалци, кои не само што избегнуваат промовирање и прифаќање различни ставови и мислења, туку и дополнително го подгреваат лонецот. Токму ова стимулирање на тврдокорни националистички реторики, наместо отворање широка јавна дискусија и дебата, е одговорност на двата табори јавни интелектуалци, но и на власта пред се`.

Neophodnosta od javen prostor i debata i Dogovorot za imetoИзвор: Либертас.мк

Неколку реда за Договорот за името

Доколку се анализира Договорот за името постојат неколку импликации кои може да се поделат на внатрешни и надворешни. Внатрешна последица претставува зајакнувањето на државата-нација од една страна, а со тоа обезличувањето на „Републиката” како уредување. Од друга страна, пак, се прави целосно внатрешно преуредување и преструктуирање под покровителство на меѓународната заедница, кое може да повлече консеквенци поврзани со сукцесија на држави, што воедно спаѓа во надворешни импликации. Третата е комбинација на внатрешни и надворешни имликации преку користење на историјата за делимитирање на две постоечки држави во сегашноста, без притоа да постои реална и физичка територија која е предмет на спор. Покрај ваквата природа на последиците, тие се воедно и од правен и политички карактер. Имено, постои тензија помеѓу правото на самоопределување (правно и политички), а кое се преиспитува во самата теорија на човекови права, и сфаќањето на правниот и политички суверенитет (исто така мошне проблематичен), кој претставува голем дел од функционирањето на самата државата-нација. Оттука правната и политичката природа на внатрешните и на надворешните импликации се во постојана спрега меѓусебно, бидејќи правото и политиката не можат да постојат засебно, туку се во постојано надополнување.

Што се однесува до позадината на Договорот и неговото слепо буткање од страна на власта и на Европската Унија, тој претставува неуспешен обид за трансформација на конфликти и зајакнување на државата-нација во услови на тотален колапс на државите-нации во ЕУ. Тоа посебно во очи на прашањата поврзани со малцинства, имиграции, порастот на бројот на бегалци и лица без државјанство, чиј резултат е и самиот Брегзит. Силна држава-нација која е организирана во етно-национални хомогени кругови на популација со слични и идентични карактеристики, делимитирана со другите држави преку територијални граници и националност-припадност, подразбира дека прашањата поврзани со бегалци/имиграции и малцински прашања не постојат. Секако тоа подразбира вештачко потиснување на реални проблеми и прашања. Од друга страна, пак, падот на државата-нација, кој е резултат на империјалистичката ера, подразбира отварање на овие прашања. Последицата која произлегува од ваквата поставеност на државата-нација е самата неадкватност на човековите права да ги решат овие прашања, а кои самата држава ги „адресира” преку воведување на елементите на тоталитаризам споменати погоре.

Вистинското прашање е како да се постигне баланс и да се изгради граѓанска држава, односно република или уставна држава со постоечки и слободен јавен простор и стабилни и демократски институции, наместо држава чиј извор е нацијата. Како да се оддели државата од нацијата, а притоа да не се прибегне кон тоталитаризам? Но, наспроти намерите на ЕУ, токму ваквите конструкции преку Договорот за името може да се вратат слично како што тоа беше во историјата во форма на бумеранг и повторно да го зајакнат национализмот и расизмот насекаде низ Европа, што веќе и е случај.

Понатаму, индикативно е дека во овој период се појавија многу самопрогласени експерти за толкување на договори и ја лоцираа сржта на договорот во членот 7 кој се однесува на употребата на термините „македонски“ и „Македонија“. Спротивно на нивните тврдења, сметам дека сржта на Договорот е во членот 1 кој е мошне комплексен и е во целосна контрадикција со преамбулата на самиот договор. Она што е контрадикторно помеѓу нив е повикувањето кон Повелбата на Обединетите Нации и Завршниот aкт од Хелсинки, кои од една страна потврдуваат немешање во внатрешни работи на државите и добрососедство, а од друга страна договорот подразбира целосно внатрешно преструктуирање и редизајнирање. Членот 7 е супсидијарен член кој служи како дополнително објаснување на членот 1 и параграфите кои реферираат и се однесуваат на самиот член 7. Членот 7 не може да се чита без членот 1.

Во однос на содржинските решенија на самата деноминација, постојат два проблема. Првиот е тоа што официјалното име содржи географска одредница која се наоѓа веднаш по државното уредување, а помеѓу името „Македонија”. Тоа имплицира дека нашата држава е ентитет кој произлегува од една заедничка и претходна држава со Грција. Земете го примерот на Судан, кој од една држава се подели на два различни ентитети и со тоа ја вклучи географската одредница Јужен Судан како официјално име во едната, а додека другата остана со официјално име Република Судан (неофицијално северен). Останатите неколку примери на признаени држави со географска одредница во своето официјално име се неприменливи, заради тоа што географската одредница се наоѓа или на самиот почеток или на крајот, а не на средина помеѓу уредувањето и самото име, како што е примерот со Република Северна Македонија.

Вториот проблем е во самата деноминација, односно „Република Северна Македонија“, во која државното уредување „република“ станува одвишок и наместо него останува скратената форма Северна Македонија. Тоа претставува уште еден показател за обидите за зајакнување на државата-нација, наместо републиката. Притоа повлекувајќи последици внатрешно во однос на уредувањето држава-нација наспроти Република, кое допрва треба да се уреди преку Уставни амандмани, кои воопшто не е познато како ќе се изведат. Со тоа произлегуваат и надворешните консеквенци, поради неформалното именување во кое изостанува уредувањето Република, а останува Северна Македонија. Кога сево ова е дополнето со аргументот на Грција за историскo разграничување на држави и тоа во сегашноста, се отвара простор за хиерархиска доминација под авторитет и суверенитет на поширокиот регион Македонија кој воедно локациски се наоѓа во сегашна Грција.

Проблемот понатаму кулминира со инсистирањето на примена на правниот институт erga omnes(кон сите) – чиј извор согласно грчките конструкции црпи основи од наследно право. Erga omnes како правен институт постои и во меѓународно јавно право. Тука спаѓаат забраната за агресија, геноцид, ропство, расна дискриминација и тортура (Меѓународен суд на правда, Barcelona Traction Case) за кој целата заедница има правен интерес од заштита на овие обврски, наспроти erga omnes во односи помеѓу самите држави, како на пример дипломатска заштита. Имајќи ја во предвид оваа разлика на ефектот и примената на овој правен институт, името на државата не може да преставува обврска која произлегува од erga omnes како институт на меѓународно јавно право поради содржината на самото прашање. Оттука еrga omnes во македонско-грчкиот спор црпи основи од имотното право. Во таа насока треба да се прашаме за какво наследство односно имот, и тоа ексклузивен, станува збор? И, дали тоа може да служи како основа за барање за преименување на држава во сегашноста која има сопствени граници и правен и политички систем?

Заради сите овие причини можни се правни и политички импликации кои Договорот и комплексниот член 1, може да ги повлечат и внатрешно и надворешно. Тоа не само што ќе се одрази на сегашноста, туку и на иднината, а со тоа и на минатото, и поради тоа неопходна е исцрпна научна и јавна дебата пред да се пристапи кон било какви промени за кои граѓаните не се ни запознаени. Власта треба да се воздржи од слепо инсистирање и спроведување политичка агенда која на долг рок нема никому да му е од корист. Во плурално општество кон кое се стреми Република Македонија граѓаните се тие кои треба слободно да одлучат какви системски и содржински промени претпочитаат, притоа имајќи ги пред себе сите последици, опции и алтернативи. Наметнување готови политички решенија под притисок на никому нема да му донесе никаква корист ниту на среден, а уште помалку на долг рок.

 

Д-р Јана Лозановска

 

Објавено во REsPublica