Претседателот Иванов Ќе Бојктира
Два пати ја добив довербата на граѓаните за да не дозволам промена на Уставот со цел промена на уставното име, да не прифаќам идеи и предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот. Не отстапувам од тоа мое ветување. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам, порачал претседателот Ѓорге Иванов пред Обединетата македонска дијаспора во Детроит, соопшти кабинетот на претседателот.
Претседателот Иванов вели дека дека согласно член 7, став 3 од Законот за референдум, никој не може да биде повикан на одговорност за гласање, односно негласање на референдум. Секој граѓанин, рече Иванов, има право да одлучи како ќе постапува во однос на овој референдум, да излезе и да гласа, или, пак да не излезе и да бојкотира.
„Што се однесува до мене, јас веќе гласав. Гласав пред 27 години, на 8 Септември 1991 година. Јас бев еден од оние кои го дадоа својот глас за Република Македонија да се конституира како суверена и независна држава, со свое име и свое достоинство. Не отстапувам од таа моја одлука. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам. Кога ја преземав функцијата претседател на Република Македонија, положив свечена изјава дека ќе ги почитувам Уставот и законите. Не отстапувам од таа моја заклетва. Затоа, на 30 септември нема да излезам да гласам“, рече македонскиот претседател.
Иванов порача дека во согласност со Уставот на Република Македонија, сувереноста извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.
„Немојте да дозволите некој тоа право да ви го одземе, немојте да дозволите некој да ве десуверенизира. Не дозволувајте некој друг да ви ја контролира вашата свест и вашата национална гордост“, рече македонскиот претседател.
Иванов потнцира дека прашањето за името и идентитетот е постаро и поскапо од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател, од секој поединечен интерес.
„Имајќи го сево ова предвид јас ја донесов мојата одлука. Верувам и убеден сум дека и граѓаните на Република Македонија на 30 септември ќе донесат исправна и мудра одлука“.
Тој се заблагодари за сета досегашна поддршка од дијаспората и изрази верување дека и во овој период на предизвици дијаспората ќе ја искористи секоја можност за да ѝ помогне на Македонија.
Иванов во обраќањето го реафирмира својот став дека Спогодбата со Грција е штетна и поразителна за Република Македонија и оти решението што им се нуди на македонските граѓани на референдум е донесено без национален консензус, спротивно на досега изградените државни позиции и без негово знаење и согласност.
„Со оваа спогодба не само што се менува името на постојната држава, туку се создава нова, полусуверена држава, со ново име, со нов внатрешно-правен и меѓународно-правен идентитет“, рече Иванов.
Тој додаде дека без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентелизам, нема членство во Унијата и НАТО.
„И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам“, рече претседателот и потенцираше дека отсекогаш се залагал за исполнување на стратешките цели на Република Македонија, но и за решение кое нема да задира во идентитетот на македонскиот народ и нема да биде на штета на македонските национални интереси.
На гала вечерта во организација на Обединетата македонска дијаспора на претседателот Иванов му е доделено највисокото признание „Глобален државник“. На вечерата на ОМД присуствуваа и конгресмените на САД, Пол Мичел и Деби Дингел.
Претседателот на Република Македонија престојува во работна посета на САД по повод учеството на 73. сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, соопшти кабинетот на македонскиот претседател