Детална Анализа на Преспанскиот Договор
Пишува Гордана Силјановска Давкова
Професор по уставно право.
Во називот на „Конечниот договор отсуствува вистинскиот предмет на грчко -македонскиот спор, односно „ИМЕТО“, разликите не се опишани, туку само е нотирана разлика за името. Имено, Резолуцијата на Советот за безбедност 817(1993), откако констатира дека: апликантот ги исполнува критериумите за членство во Обединетите нации, содржани во член 4 од Повелбата“,нотира РАЗЛИКА во врска со името на државата , што треба да биде решена, во интерес на зачувувањето на мирни добрососедски односи во регионот. Заради тоа, во став (2) му препорачува на Генералното Собрание државата да биде примена во членство, но за сите цели во рамките на ОН да и се обраќаат како на „бивша Југословенска Република Македонија, додека, „на брз начин не се реши разликата“!!! Од аспект на меѓународното право, „разликата за името“, е билатерален спор, со практични последици врз трети држави, во рамките на мултилатералниот форум ОН и други меѓународни организации. Надвор од нив, со оглед на билатералниот карактер на спорот, третите држави се правно слободни да ја признаваат државата под уставното име. Значи, во самиот наслов на договорот препознаваме амбиција за проширување на предметот на преговарање и усогласување. Што стана со ставот на медијаторот Нимиц, изразен во одговорот на Greek Press од 1995:„Името на оваа држава е фактички избрано од самата држава. Но, како и да е, тие се оние кои го избираат сопственото име. Грција не може да им го избере името. Грција може да каже дека е против името избрано ид другата страна. .. Дури ни ОН не се тие што одбираат имиња…. Во овој случај, тие не го избраа името на државата, туку рекоа дека привремено ќе и се обраќаат со “бивша Југословенска Република Македонија“.Како што веќе реков, тие можат да ни се обраќаат нам како на„Бивша Британска колонија Северна Америка. Тоа не е нашето име,како што она ПЈРМ не е име на оваа држава“.
На оваа линија е и ставот на проф. Шкариќ : “Името на една држава е име кое извира и го создава народот кој ја создал и живее во таа држава. Државата која ја создал македонскиот народ е Република Македонија. Никогаш македонскиот народ не може да ја нарекува својата држава поинаку од Република Македонија . Тој никогаш не може да се согласи со промената на нешто што го носи со векови, а неговата држава го носи повеќе од педесет години, што не е случај со грчката северна провинција“. И Стево Црвенковски, кој во својство на министер за надворешни работи ја потпиша Привремената спогодба, на прашањето на новинарката Слободанка Јовановска : „Има ли логика сега да правиме компромис околу уставното име“, за „Дневник“ одговори: „Немало логика ни досега, и никогаш не сум чул дека некој има таква намера! Проф. Фрчковски, вака гледаше на можното решение: …”Ако е двојна формула, ние не мораме да го менуваме името, го добиваме на меѓународен план, само во однос на Грција го договараме. Тое е излез, без двојна формула нема излез.
ЗБОГУМ НА IUS COGENS, ЗБОГУМ НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Договорот излегува од рамката на Резолуцијата 845(1993)која што, по повикувањето на Резолуцијата 817(1993) ги охрабрува Грција и бившата република Македонија на соработка со ко-претседавачите на Надзорниот комитет на Меѓународната конференција за поранешна Југославија, со цел да дојдат до брзо решавање на разликата за името. Имено, Финалнот договор е „договор за решавање на „разликите“, а разликата и преговорите за името, се трансформирале во „разлики и преговори за историјата, македонскиот идентитет, македонскиот јазик, културата и образованието, политичкиот и административниот систем, УСТАВОТ, слободите и правата на човекот и граѓанинот.
Тој ОКТРОИРАуставни измени, односно промена на уставното име “Република Македонија “(неспоменато) и конституционализација на новото име и придавките изведени од него и го пропишува начинот, времето и надзорот над имплементацијата на сите решенија во правниот и политичкиот систем на „Втората страна“, од Првата, односно од Хеленската република, што претставува директно грчко мешање во внатрешните работи на Република Македонија како суверена држава, формирана врз основа на правото на самоопределувањена македонскиот народ во 1944 година, на АСНОМ. Во оваа смисла, првиот македонски претседател Киро Глигоров, во говорот во Францускиот институт за меѓународни односи на тема”Македонија и Нова Европа“ , кон крајот на октомври 1993, ке потенцира дека”правото на народот на свое име е природно и неотуѓиво“.
Интересно, но иако насловот на Договорот нотира престанок на важноста на Привремената спогодба од 1995, во ниту еден член не е спомената пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг во 2011 година за прекршување на член 11 од страна на Република Грција со блокирањето на добивањето покана за членство на „Бившата југословенска Република Македонија“ во НАТО, на самитот во Букурешт од 2008 година.
„Преспанскиот договор“ не води сметка за членот 1 од Привремената спогодба(1995),во која, Првата страна ја признава Втората страна како независна и суверена држава, како и членот 3 со кој “секоја страна се обврзува да ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата страна . Заради тоа, таа е спротивна на начелото на “еднаквост на сите членки ( Член 2(1) на Повелбата и го дерогира правниот субјективитет на Република Македонија. Исто така, се крши принципот на правна еднаквост на државите (видете GA Res.2625 (XXV) од 24 окт. 1970) и принципот на недискриминација во претставувањето и членството (UN Doc.A/CONF.67/16 ( 14 март, 1975). Да потсетам: Членот 53 на Vienna Convention on the Law of Treaties( VCLT) вели: Договори што се во конфликт со задолжителните норми на меѓународното право (ius cogens) се ништовни!!
Договорот е асиметричен, зошто Првата страна има права, а Втората-обврски, ако се изземат онаа „за ратификација на договорот, по усвоените амандмани на Уставот и завршувањето на сите правни постапки, нужни за влегување во сила на истата (член 1, точка 4, под ѓ) и онаа :“да не приговара на апликацијата за зачленување или на членството на Втората страна (член 1, точка 3, под а). Интересно , но речиси иста формулација има во членот 11, став (1) на Привремената спогодба, но попусто, зошто Грција ја прекрши, Меѓународниот суд ја прогласи за виновна, но не следеа никакви правни и политички последици.
ХЕЛЕНСКАТА РЕПУБЛИКА ( ГОЛИЈАТ) versus ВТОРАТА( БЕЗИМЕНА) СТРАНА( ДАВИД)
Не треба да сте правник за да воочите дека Првата страна има статус на надреден договорен субјект, а втората, на подреден, што ја прави објект, иако, двете држави, како признати меѓународни субјекти, би требало да бидат рамноправни договорни страни!! Власта и незините подржувачи, но и Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, во пресрет на референдумот, истакнува дека прифаќањето на „Преспанскиот договор“ е неминовно за влез во НАТО во следните две години и почеток на преговорите за ЕУ. Да споменам дека во 2002 година, Крег Ретклиф, портпарол на НАТО во Република Македонија, на прашањето:
„Република Грција е член на НАТО, дали може да се очекува од НАТО и неговите членови да ја подржат Грција во спорот, одговора: „НАТО не е во позиција да ја подржува Република Грција во овој спор. Тоа не е проблем на НАТО. Тоа е проблем на Грција..Овој спор мора да се реши со почитување на меѓународното право и со помош на ОН, а секако и со помош на двете држави, инволвирани во спорот.
НАМЕСТО WIN-WIN, WIN -LOOSE ДОГОВОР
Договорот има Преамбула и три дела: првиот , составен од 8 члена, го регулира прашањето на името и прашањата врзани за него, како и добрососедските односи; вториот е посветен на стратешкото партнерство, третиот, на „решавање на споровите“ и на крајот, Завршните одредби. Неспорно е дека стратешкото партнерство е важен инструмент во градењето политика на добрососедски односи, но соработката во низа области се заговараше и во Привремената спогодба. Правно, со оглед на природата на спорот, претпочитам, стратешкото партнерство да биде предмет на посебен договор, односно договори што,согласно Законот за склучување, ратификација и спроведување на меѓународните договори, би ги потпишувале надлежните министри. Чинам дека вториот дел е инкорпориран во Финалниот договор од тактички причини, заради привид на “ win-win” солуција, иако се работи за “win- loose” договор на релација : Прва- Втора страна, како и како основ/ алиби за неговото потпишување од министерот за надворешни работи, наместо од Претседателот на државата, како исклучиво уставно надлежен за првиот дел.
ПРЕАМБУЛА:
Дух на нерамноправност извира уште од првата реченица на Преамбулата, зошто “Првата страна“ е Хеленската Република, како „уставен израз “ на „грчкоста“ на сета античка историја и „континуитет“ од античките градови- држави и античката македонска држава до современата грчка државаод 1830 год, а „вторатастрана“ е „безимена“. Чекор назад!! Во петицијата, објавена во „Елефтеротипија во 2006 година, 56 грчки интелектуалци рекоа : ние ќе ја викаме Македонија…. ке ја викаме државата Република Македонија со нејзиното уставно име, што ќе рече нејзино единствено, легитимно и вистинско име“. Дури, ни референцата „бивша југословенска Република Македонија“ од Резолуцијата 817 (1993) не се споменува , иако Република Македонија влезе под неа во бројни меѓународни организации, склучи многу договори под уставното име, не само со државите кои ја признаа под него, туку и со многу други.
КОЈ Е PRIMUS, А КОЈ SECUNDUS ВО МЕЃУНАРОДНИТЕ ОДНОСИ?
Спогодбата во името на „Хеленската република“ ја потпиша грчкиот министер за надворешни работи, г-дин Козиас, а во името на втората страна (безимената), министерот за надворешни работи, г-дин Димитров, со што двојно е прекршен членот 119 , став (1) од Уставот на Република Македонија, според кој “меѓународните договори ги склучува Претседателот на Република Македонија, во името на република македонија. Јасно е дека Претседателот на Република Македонија, како и другите претседатели на држави, вклучувајќи го и грчкиот (избран од грчкиот парламент) е “primus” во меѓународните односи, иако беше целосно запоставен во преговарачкиот процес, со што се прекрши Уставот. Во ставот (2) на Уставот на Република Македонија се вели дека„меѓународни договори може да склучува и Владата на Република Македонија, кога е тоа определено со закон, како “secundus” во меѓународните односи. Во член 2, став (3) на Законот за склучување, ратификација и спроведување на меѓународните договори (1988 год)се наброени областите во кои владата може да склучува договори, но во нив не само што го нема, туку не може ни имплицитно да се вклучи прашањето за името!! Се соочуваме со ultra vires чин, зошто потписникот излегол надвор од надлежноста, односно ги пречекорил уставните и законски овластувања!! Да потсетам: никаде во Уставот нема ниту збор за надлежен орган или постапка за промена на името. Тоа му дава карактер на неразделен елемент на националниот и државен идентитет.
ХИПОКРИЗИЈА: ПОВИКУВАЊЕ НА ПОВЕЛБАТА НА ОН И НА ЗАБРАНАТА ЗА МЕШАЊЕ ВО ВНАТРЕШНИТЕ РАБОТИ НА ДРУГА ДРЖАВА И НИВНО de facto КРШЕЊЕ
Во Преамбулата на Преспанскиот договор, е наброена долга листа на начела, цели и релевантни меѓународни документи, вклучувајќи ја и Повелбата на ОН и забраната за мешање во внатрешните работи на државите. За жал, истите, ниту се почитувани при приемот на Република Македонија во ОН, ниту на нив се темелат решенијата од Делот 1 на Спогодбата, зошто со Спогодбата , Грција се меша во внатрешните работи на „втората страна “, вклучувајќи го уставот, историјата, културата, нацијата, јазикот…. нивното регулирање со билатерален меѓународен договор е непознат феномен во меѓународното право, па повикувањето на нив, во спогодба што ги крши, е цинизам и хипокризија на меѓународната политика, надвор од меѓународното право, па дури и од ius cogens!!
Иако во алинеата 10 на Преамбулата се тврди дека разликите се решавале во согласност со Резолуцијата 817(1993), Резолуцијата 845(1993) и членот 5 од Привремената спогодба (1995), намерно се премолчува пресудата на Судот на правдата од Хаг, донесена во 2011 година со која се утврдува кршење на членот 11(1) од „Првата страна“ .
Никој не е против зајакнување на билатералната соработка и стратешкото партнерство меѓу двата соседи , но тие се можни само врз основа на взаемно почитување на правниот субјективитет и чувствителноста и достоинството на обете страни, што не е случај со овој договор, зошто тој не се фокусира само на решавање на меѓусебната разлика за името, туку длабоко се инфилтрира во суверените права на „втората страна“ низ erga omnes пристапот, иницирајќи промена на историското и уставно име“Република Македонија“, неводејќи сметка за 74 годишниот македонски државен континуитет, односно за правото на самоопределување на македонскиот народ , реализирано на АСНОМ(1944) година, со чии одлуки Демократска Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ, со што се остварило предвидувањето на Димо Хаџи- Димов од 1923 година:”Македонија го има својот прв Илинден…. ќе го има и својот втор Илинден… Овој втор Илинден е близок , тој доаѓа … . Правото на самоопределување e потврдено со првиот устав на Народна Република Македонија од 1946 година. Всушност, Народна Република Македонија, врз основа на правото на самоопределување на македонскиот народ , влезе во југословенската федерација на рамноправни народи и републики и врз основа на истото излезе од СФРЈ во процесот на нејзината дисолуција, а македонскиот јазик , прогласен за службен јазик со решение на АСНОМ, стана еден од трите официјални јазици во рамките на федерацијата, покрај српско-хрватскиот и словенечкиот.
Дел 1
РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКАТА ОКОЛУ ИМЕТО, НЕРЕШЕНИТЕ ПРАШАЊА ВО ВРСКА СО ИСТОТО И ЗАЦВРСТУВАЊЕТО НА ДОБРОСОСЕДСКИТЕ ОДНОСИ
НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПОСТАВУВААТ ДОПОЛНИТЕЛНИ УСЛОВИ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ОН
Во став (1) на член 1 се нотира дека со влегувањето во сила на оваа Спогодба, престанува да важи Привремената спогодба.
ПРЕСЕДАН: ДОПОЛНИТЕЛНИ УСЛОВИ
Во став (2) на членот 1се потенцира задолжителноста на исходот од преговорите во рамите на ОН, согласно Резолуцијата 817(1993) и Резолуцијата 845(1993) на Советот за безбедност, како и Привремената спогодба од 1995. Ама, не се нотира дека во Резолуција 817 (1993) е утврдено дека “по испитувањето на апликацијата за прием во ОН (S/25147)“, Советот за безбедност констатирал дека „апликантот ги исполнува критериумите за членство во ОН, утврдени во член 4 на Повелбата“!
Со наметнувањето дополнителни услови на Република Македонија : а) да прифати деноминација и б) да преговара за своето државно име (инхерентен елемент на нејзиниот правен субјективитет) , ОН го прекршија членот 2 (особено став 1 и став 7 и членот 4 од Повелбата, како и резолуциите 113/II од 1947 и 197/III од 1948, како и Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948 година во врска со недопуштеноста на услови за прием во ОН надвор од оние од член 4 (1) од Повелбата : а) да е држава; б) да е мирољубива; в) да ги прифаќа обврските од Повелбата; г) да има способност и д) да има воља да ги исполнува тие обврски!
Решенијата од Финалниот договор, се мешање во внатрешните работи на една суверена држава. Правно (од аспект на меѓународното право, но и од аспект на македонското национално право), неодржливо е со меѓународен договор да се утврди ново официјалнои скратено име на друга држава.
РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА)
Во став 3 на членот 1, под а) се нотира дека официјалното име на „втората страна“(без да се спомене нејзиното официјално име, иако е предмет на промена) ќе биде “Република Северна Македонија“, како уставно име што ќе се употребува erga omnes, а скратеното име ќе биде „Северна Македонија“!! Да потсетам, името „Северна Македонија “ беше германски предлог од 1994 година за кој известија грчките медиуми. Имено, министерот за надворешни работи на СР Германија, г-дин Клаус Кинкел, заедно со планот во шест точки за решавање на спорот, предложи две можни имиња: Нова Македонија и Северна Македонија.
Се заборава дека името на државата, како суштински елемент на правната личност е нејзино суштинско право, а како такво, stricto sensu е нејзина внатрешна надлежност, а не право на друга држава (Република Грција, Хеленска Република) или на мултилатерална организација , како ОН. Проф. Хенкин ќе укаже дека: .. не постои основа или пак, практика во меѓународното право за грчката позиција да се услови признавањето на Македонија додека таа не го смени името)“ . Да потсетам на некои примери: Ја поделија сојузниците Германија на западна и источна, ама тие во нивните устави беа : Сојузна и Демократска и како такви членуваа во ОН. Го поделија големите сили Виетнам на Северен и Јужен,ама во уставите и во ОН, тие се Демократска Република Виетнам и Република Виетнам!! Истово важи и за Северна и Јужна Кореја.
Иако географската одредница на државата се аргументира со потребата за нејзино разграничување од трите административни региони со назив Македонија во Грција (Источна, Централна, Западна ), воведени во 1987 год, се поставува прашањето: има ли потреба и логика да разграничите држава од регион ? Зарем не е поедноставно да се стави префикс или суфикс пред грчките административни региони ? Зошто не се смени името на Министерството за Македонија и Тракија, во Грција , кога сугерира дека станува збор за цела географска и историска територија? Зошто не се врати старото име “Микра“ на прекрстениот аеродром „Македонија“, кога се смени името на нашиот аеродром? Се нижат и други прашања и дилеми:ако има Република Северна Македонија, а нема Република Јужна Македонија, што од што се разграничува?А, Пиринска Македонија? Би било логично разграничување на регион од регион, ама не и на држава од регион, со предност на името на регионот? Дали Грција има проблем со географијата, или со македонската нација, кога како причина за барањето промена на нашето име се го истакнува нашиот „иредентизам “, не само по “Скопје 2014“, туку и многу порано.
Зарем не ставија крај на “стравот“ Мислењето на Бадентеровата комисија и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, со констатацијата дека нема иредентизам, а ние со уставните измени од 1992 година? По мене, токму новото име може да иницира иредентизам на обете страни, зошто каде што има северен и јужен,западен и источен, горен и долен ентитет, постои тенденција за обединување, што е видливо од историските примери,но и од современите тенденции, на што укажува prof. James Pettifer од Oxford University. Методолошки, јасно е дека нема(ше) никаков проблем во коегзистенцијата на трите грчки региони со име Македонија: Централна, Источна и Западна и државата „Република Македонија“, зошто не се споредуваат различни, туку само слични и исти ентитети. Ако е можна коегзистенција меѓу регионот Бретања и Велика Британија, Северна Ирска и Република Ирска, белгиската провинција Луксембург и државата Луксембург, областа Монголија и државата Монголија, САД и Јужна и Централна Америка, ЕУ и државите кои се во Европа, но не се во ЕУ, а таа си ја зела придавката ….. зошто не би можеле да коегзистираат државата Република Македонија и трите грчките региони (Западна, Источна и Централна Македонија ) формирани во 1987 година??? Квалификативот “република“ пред Македонија, со кој што се утврдува обликот на државното управување е “differentia specifica” во однос на Македонија како “generalis”, односно како историска и географска категорија. Античка Македонија не е ексклузивна сопственост на Република Грција, туку заедничко културно наследство. “ Македонија и Грција мора да најдат интелигентен начин за споделување и зачувување на заедничкото наследство, наместо да парничат по меѓународни судови, вели проф. Francesco Messineo.
Во науката и во меѓународните односи не се конкурентни различни ентитети, во случајов, регионалниот и државниот!! Но, македонското малцинство беше и сеуште е реалност во Република Грција и кога тогаш, Грција ќе мора да ја ратификува Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата,а можеби и Конвенцијата за регионални и малцински јазици. Впрочем, за кого беше отпечатен АБЕЦЕДАР-от од 1925 година и зарем во документот за пописот од 1920, спроведен под притисок на Лигата на народите, експлицитно не се споменува македонскиот јазик? Историски факт е дека во 1926 година , со декрет беа сменети словенските имиња на многу градови, села, реки во Северна Грција. Егзодусот од 1946-1949 год беше реалност. Република Грција не е етнички хомогено општество како што тврдат грчките политичари, ами напротив, хетерогено, како и сите други на Балканот. За малцинствата во Грција, меѓу кои и славо-македонското со барања за јазични и културни права, научно аргументирано пишува prof. Adamantia Pollis , чија основна теза е неодржливоста на концептот на грчкоста како органска целина на грчкиот етнос, грчката црква и грчката држава и нужноста од нејзино надминување со ратификација на Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата и потпишување на Повелбата за регионални и малцински јазици!! Со Преспанскиот договор, покрај “грчкоста“, се потхранува мегали идејата се зацврстува и “грчкиот македонизам”иако е contradictio in adjecto.
Се разбира, свесни сме дека консенсуалното одлучување за прием во НАТО и ЕУ е политичка реалност, иако, кога е во прашање ЕУ, јасно е дека ваквиот начин на одлучување се заканува со парализа на процесот на одлучување преку (зло)употреба на ветото, па гласно се зборува за воведување 2/3 мнозинство, наместо конесенсусот. ЕУ не е држава, туку “sui generis” демократски политички систем, во кој постои пореметена рамнотежа меѓу Парламентот, Комисијата и Советот, па научната критика укажува дека сеуште не е по мерка на европскиот демос, туку по мерка на политичките и бирократските ЕУ структури, а најмногу на претставниците на извршната власт на земјите-членки, што и оневозможува да биде polity ( Joseph H.H. Weiler) . Во оваа смисла, неминовно се наметнува потребата од компромис со соседот, но тој не треба да биде надвор од границите на ius cogens основата. Промената на името Република Македонија во „Република Северна Македонија“, за надворешна и за внатрешна употреба, не само што се коси со правото (меѓународно и национално), туку и со добрите обичаи. Непознат современ правен и политички феномен е сосед и/ли меѓународна организација да ви нареди да си го смените историското и уставно име на државата, во неоколонијален стил, заради отворање на патот кон НАТО и ЕУ кои постојано истакнуваат дека владеењето на правото е нивен modus vivendi и modus operandi!! Предложената промена e непочитување на нашето непотрошно право на самоопределување и суверенитет од Грција, од една страна, но и наше себенепочитување/себенегирање како рамноправен меѓународен државен субјект, од друга. На ова, во процесот пред Меѓународниот суд во Хаг, инициран од Република Македонија v. Република Грцијазаради кршење на Привремената спогодба, укажа и проф. од Кембриџ, Крафорд , предупредувајќи дека:„единствено правило на општото меѓународно право е дека секоја држава си го избира своето име, како што си го утврдува своето знаме, или национален грб. Националната химна на Полска, посочува тој , почнува со зборовите “О Латвијо“, но никој нема проблем со тоа!! За проф. Шкариќ, „грчкиот монопол врз името Македонија „ е неодржлив и од следниве причини: прво, дел од регионот на Македонија за првпат во историјата дојде под грчка власт во 1913 година, по Втората балканска војна, односно по поделбата на Македонија со Букурешкиот мировен договор; второ, Република Македонија со вкупната своја територија е сместена во Македонија, а северната грчка провинција, која сега го носи името Македонија само е еден мал дел од вкупната територија на Грција; трето, македонскиот народ своето име го носи со векови, а неговата држава повеќе од педесет години, што не е случај со грчката северна провинција. Парадоксално е една провинција да има предност во однос на една меѓународно призната држава! Парадоксот станува уште поголем во услови кога барањата за промена на името Република Македонија немаат ниту правна, ниту историска основа. Спротивно од Грција, Република Македонија нема никакви аспирации на монопол на името, иако на нејзина страна се историските и правните аргументи. На Република Македонија не и пречи што северната грчка провинција се вика Македонија, исто како што на Велика Британија не и пречи областа Бретања во Франција или на Големото војводство Луксембург- провинцијата Луксембург во Белгија. На Република Македонија меѓутоа, многу и пречи тоа што таа е единствената држава во досегашната историја на меѓународните односи чијшто прием во ООН е условен со промена на сопственото име.“
Овој договор, во духот на целосна политизација на правото „се апстрахира“ од Мислењето бр.6 на Арбитражната комисија на Европската заедница, составена од пет претседатели на уставни судови (Франција, Шпанија, Белгија Германија и Италија), на чело со Роберт Бадинтер, претседател на Уставниот совет на Франција, која едногласно предложи Република Македонија да биде призната како нова држава под нејзиното уставно име, квалификувајќи ги грчките аргументи како ирационални . Според неа… „употребата на името Македонија не може да имплицира никакви територијални претензии против друга држава!“ На иницијатива на Република Грција и предлог на Бадинтеровата комисија, Собранието на Република Македонија го смени Уставот во 1992 година(амандман I на член 3 и амандман II на член 49. Со првиот декларира дека нема територијални претензии кон соседните држави, а со вториот се обврзува дека нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи !! Ова се „дополнителни“уставни гаранции, зошто во член 8 на Уставот, во алинеа 11, една од темелните вредности е „почитување на општо прифатените норми на меѓународното право“!! Но, тоа на што уставно се обврзува Република Македонија, не важи за Грција!!! И во нејзиниот устав има одредба за можни територијални промени со апсолутно мнозинство гласови од пратениците (член 27).
СПОРОТ ЗА НАШЕТО ИМЕ: ЦРНО ПЕТНО НА СОВЕСТА НА ЕУ
Да потсетам на изјавата на данскиот министер за надворешни работи, Уфе Елеман Јенсен, кој во својство на претседавач на ЕЗ, во 1992 година изјави дека: прашањето за признавање на Република Македонија е црно петно на совеста на Европа. За жал, 27 години потоа, истово го повторува чувениот оксфордски професор James Petiffer, укажувајќи дека ЕУ и НАТО доживеале морален банкрот во случајот на Република Македонија, врзани за склучувањето/наметнувањето на Преспанскиот договор и дека секој пристоен граѓанин на Република Македонија би требало да го одбие.
ИМА ЛИ ЛИЧЕН ДОКУМЕНТ ВО ЕУ СО ВАКВО РЕШЕНИЕ ЗА ДРЖАВЈАНСТВО??
Во став 3 под б) се вели дека државјанството на “втората страна“ ќе биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија и како такво ќе се внесе во сите патни документи, наместо сегашното: Nationality/ Macedonian! Се наметнува прашањето: зошто покрај „македонско“, ќе стои објаснување /„граѓанин на Република Северна Македонија“? Неспорно е дека поимот “граѓанин“ се појави по Француската револуција и го супституираше поимот “поданик“ што егзистираше во феудалното општество, означувајќи индивидуа со определени права и обврски кон државата. Сепак, во француските лични документи зад “nationality” стои “француско“, а не “граѓанин на Франција“. Државјанинот е индивидуа со права и обрски кон државата, здобиени по основ на раѓање (ius soli), крвно сродство (ius sanquinis) или преку натурализација, а граѓански права понекогаш имаат и недржавјани. Во оваа смисла, во некои држави, врз основа на Рамковна конвенција на Советот на Европа, им се овозможува учество на локални избори на лица со подолг престој во земјата. Тие не се државјани на таа земја, но сепак, учествуваат во локалниот политички живот.
Ај да не измислуваме пак “оригинални решенија“! The European Convention on Nationality во текстот го користи терминот “nationality“, а во член 2, под а) „државјанството е правна врска меѓу поединецот и државата и не го означува етничкото потекло“! Поседувањето државјанство на една држава е препоставка/предуслов за уживање граѓански права. „Државјанство е општа именка и се однесува на сите државјани на Република Македонија, без оглед на етничката припадност. Личните документи на граѓаните не се толковни речници, па да има тараби и експликација во „сингулар“/граѓанин на Република Македонија!! Во официјалните документи секогаш се посега по најкусото можно решение.
Ама, ако ви е намерата секаде и секогаш да ја осуетите реалната „опасност“ од можна асоцијација на македонска нација, ќе измислувате непознати “европски“ административни решенија!! Ако во грчките патни документи, зад “nationality” стои “Greek”, како што стои и во сегашните македонски пасоши , зошто би ги менувале? Овој страв има грчко потекло, зошто Грците ја познаваат синтагмата “Грци по род“, а претседател на Грција, може да биде само граѓанин со грчко потекло по таткова линија. Во случајов, нема потреба од никакво разграничување, зошто не постои државјанство на Централна, Источна или Западна Македонија, области во соседна Грција, туку “Greek nationality”! Грците ја користат секоја можност за „осуетување“на било каква асоцијација на македонската нација, иако Грчкиот народ и Грчката нација се многу пати споменати во грчкиот устав и напишани со голема буква, а во македонскиот устав, “македонскиот народ е само два пати споменат: прв пат, во Преамбулата и втор пат, во членот 36!! Историски факт е дека, во југословенската терминологија, а по нејзин терк и во македонската, зборот „националност“ означуваше и етнос. Во оваа смисла го чувме “Соломонското“ решение на г-дин Села, по зборот “nationality” да стои: Macedonian, Albanian, Turk… a зад тарабата, да остане дескрипцијата: граѓанин на Северна Македонија! Каде е тука државјанството? Го нема, зошто г-дин Села не е државјанин на Албанија ( а, ако има двојно државјанство, тогаш во албанскиот пасош му пишува “албанско“, а во македонскиот : македонско!! Така е секаде во ЕУ и ширум светот, па зошто кога „засипнавме“ од повикување на ЕУ, да отстапуваме од нејзините стандарди, а таа да го одобрува тоа???
Дека уникатноста на решението не е случајна, покажува говорот на грчките политичари, креатори на истото. Г- дин Козиас и г-дин Ципрас објаснуваат дека: Договорот не го признава етносот /нацијата, туку само правото на сeбеидентификација на граѓанинот како индивидуа, „заборавајќи“ дека покрај индивидуалното самоопределување, ОН, како Организација на ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ го признава и колективното, она на народот!! Впрочем, неодамна, премиерот Ципрас во Европскиот парламент, на прашањето на грчкиот пратеник за Преспанскиот договор, победнички потенцира дека наместо во пасошите на соседот, под Nationality, да стои , како што е сега , Macedonian, ќе стои и “граѓанин на Република Северна Македонија“!!Доби “европски“ пратенички аплауз!
По мене, во ера на европеизација, неевропски е постојното европско , македонско решение: Nationality/ Macedonian , да се деевропеизира, во име на “„европеизацијата“ и евроинтеграцијата!!
ЗАРЕМ СО ДОГОВОР СЕ ПРИЗНАВА ЈАЗИК, АМА СО ДОДАВКА?
Во став 3, под в) се вели дека “официјалниот јазик на Втората страна ќе биде „македонскиот јазик“, небаре јазик се утврдува со политички договор и се признава од друга држава!! Но, повторно следи „оригинална“ дополна/експликација во членот 7: дека се работи за јужнословенски јазик!! Заради „оправдување“ на “компромисот“ пред грчката јавност, премиерот Ципрас, објаснува дека „отстапката“ не е негова , туку се работи за наследено решение од Третата конфренција на ОН за стандардизација на географските имиња од 1977 год, како што е во опишано во член 7, став(3) и (4) односно за „грешка/пропуст“ на грчката десница, сторена тогаш!! Каков „пријателски, добрососедски“ говор на потсвеста.
Како што веќе споменавме, македонскиот јазик, како службен јазик е утврден со Решение на АСНОМ и како таков егзистира во сите устави на Република Македонија, но и на Федеративна Југославија, од оној во 1946 до тој во 1974!! Впрочем, под притисок на Лигата на народите, по Договорот од Севр, Грција, во рамките на обврската да се се грижи за малцинствата, се отпечати АБЕЦЕДАРОТ за „славо –говорното малцинство“ (еуфемизам за македонското малцинство) во 1925 год., на народен македонски јазик од прилепско-битолско-лерински дијалект, намерно со латинско, а не со кирилско писмо, кој што, за жал, никогаш нема да стигне до македонските деца, зошто неговата примена би значела признавање на македонскиот народ и јазик!! Колку чудна е радоста на некои македонски политичари дека конечно, Грција го признала македонскиот јазик!! Што доживеавме ние Македонците: на толку македонисти, лекторати во странство(коишто за жал се редуцираат, па и затвораат од „финансиски“ причини), семинари на македонски јазик, тони книги на македонски јазик, традиција на Охридскиот семинар за македонски јазик и слава на Струшките вечери на поезијата, регистриран македонски јазик во ОН, да се фалиме дека Грција ни го признала со Договор и да се фалиме, небаре во 1944 година сме!! Ама сега, политичари во улога на лингвисти “откриваат“ дека и припаѓал на јужнословенската група на јазици, а не на “античко-македонската“ и „хеленската“ .
МОЖЕ ЛИ СО ДОГОВОР ДА СЕ УТВРДИ ЗНАЧЕЊЕТО НА ТЕРМИНИТЕ “МАКЕДОНИЈА“ И “ МАКЕДОНСКИ“?
Во став 3, под г) се вели дека термините “Македонија“ и “македонски“ ќе го имаат значењето дадено во член 7, што е мешање во суверените права на Република Македонија, зошто идентитетските прашања не може да се предмет на меѓународен договор, ниту на билатерален , како право на секоја нација, па и на македонската. Националниот идентит е социјална и политичка конструкција, а македонската држава е неизбежен, ноторен факт, а fait accompli. Во грчкиот устав( член 1, став (3) е утврдено дека: сета власт извира од Народот и постои за Народот и за Нацијата. Сите грчки политичари, вклучувајќи го и премиерот Ципрас, пред, но и по потпишувањето на Преспанскиот договор, пишуваат и изјавуваат дека не го признале народот и нацијата, туку само индивидуалното право на секој граѓанин на Северна Македонија на самоопределување!! Ако на ова се додаде непризнавањето на македонското малцинство во Република Грција, откажувањето, со Спогодбата со Бугарија од македонското малцинство како и барањето за повторно менување на членот 49 од Уставот, се наметнува дилемата: дали Грција навистина го признава македонскиот народ, зошто, ако нема македонско малцинство во Грција и Бугарија, (иако во обете земји било регистрирано во имресивни бројки на пописите ) „ќе има ли“ тогаш Македонци, односно македонски народ и македонска нација во Република Северна Македонија, или македонскиот народ“со договорниот инжењеринг“ , по кој ќе следи и уставен, кој што нема да се однесува само на “преспанските непознати амандмани“, туку и на „(не)познатите и (не)најавени амандмани на коалиционите партнери на СДСМ, за кои гласови доаѓаат не само од внатре, туку и од надвор, како УСЛОВ за гласање. Да не исчезне македонскиот народ од Прембулата, а со него и правото на самоопределување, претопен во „природиот“ „мултикултурен коктел“, опкружен со силни држави од типот на нација-етнос, националистички држави, кои отворено и контиуирано се мешаат во нашите внатрешни работи, небаре “terra incognita” (ничија земја) сме, во духот на (Не)Среќна Нова 1913!
КОДОТ НА РЕГИСТЕРСКИТЕ ТАБЛИЧКИ
Во став 3, под д) се утврдува дека кодот на регистерските таблички на возилата на Втората страна ќе биде СМ (Северна Македонија) или СМК(Северна Македонија)!! Уште едно директно мешање во внатрешните работи на Република Македонија (согласно деноминацијата и реноминацијата), во нејзиниот политички, правен и административен систем, спротивно на меѓународното право и националното уставно право. И во поглед на овие ознаки, сведоци сме на манипулација дека си останува МК, но всушност, МК станува СМК!!Па, “слично е“, зар не, ама и “малку“ различно?! Така, по странските патишта ќе треба да им објаснуваме на љубопитните : која е таа нова, убава земја„Северна Македонија, која во СФРЈ беше најужната република, а до 1987, на југ од неа се наоѓаше “Северна Грција“. И за географ е тешко да се разбере, а камоли за правник!? Лесно е да кажеме дека логично е на таблиците да стои кодот што е природно врзан за новото име, ама под политички притисок е!!
КОЈА ПРИДАВКА ОДИ СО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА???
Во точка 3, под ѓ)се утврдува дека ПРИДАВКАТА во однос на државата и нејзините органи, како и јавните институции ќе се врзе за новото официјално име „Република Северна Македонија“ или скратено „Северна Македонија“, а кога се работи за приватните ентитети и актери , што не се поврзани со државата и јавните ентитети, што не се основани со закон и немаат државна финансиска подршка за активности надвор од државата , употребата се одвива во рамките на член 7,став (3) и (4). Ваква детална регулатива нема ни во нашите закони. Се работи за ultra vires акт и чин на грубо мешање во внатрешните работи на Република Македонија, спротивно на меѓународното и национално право, за жал со согласност и на „нашите“ претставници и преговарачи. Веќе кажав дека националните институции, без придавката „македонски“/”македонска“, не само што се деноминираат, туку се денационализираат, во смисла на демос, се разбира!! Всушност, суштината е во придавката. Кога зборуваме за МАНУ, за Македонска опера и балет, за Македонска телевизија, тие не се само државни и јавни институции , туку национални !! Не е државата творец на науката, уметноста и културата , туку нацијата (демос), како збир на индивидуи – граѓани. Ако не е така, зошто другите академии го имаат националниот предзнак како префикс: Француска академија, Српска академија, Албанска акдемија!! Па, која е логиката да има Европска банка за обнова и развој, кога цела Европа не е во ЕУ, а да нема Македонска народна банка, на пример? Ако не е проблем во Република Македонија да постои АЛСАТ, односно Албанска сателитска телевизија или Албански или Турски национален театар, нормално е да постои Македонска телевизија, Македонски театар…Македонска филхармонија.. Врзувањето на употребата на придавката„македонски “за финансирањето на институциите е крајно спорен критериум. Тезата дека со промена на името ќе го зацврстиме националниот идентитет, во отсуство на придавката „македонски“ пред националните институции, државните и јавните , финансирани од државата, е“wishful thinking”!! Всушност, во прашање е деноминација, денационализација(како демос) и демакедонизација (како демос), непозната во современите меѓународни и билатерални односи. Замислете, како по изгубена војна, во знак на „емпатија“, Грција ни дозволува да ги задржиме постојните сложени имиња на градовите во кои има придавка “македонски“, како дел на нашата историја, ама има проблем со македонската нација, која „се изгубила“ во реалноста !! Може да постои Македонска Каменица, ама не и МАНУ, освен ако академиците не се изборат за негово задржување?? Зошто се чудиме кога кумовите (state builders)веќе ја употребуваат придавката?
Нема правна логика, региони во Грција со име Централна, Источна и Западна македонија да можат како сакаат да ја користат придавката “македонска“/”македонски“/„македонско“, а државата Северна Македонија- не? Па тие се административни региони, а такви со име Македонија има многу во Сад, па…. никому ништо. тие се далеку, па не се иредентистичка закана за Хеленската република. Демек, мора да го смениме името, зошто Македонија е „грчка“, па вашето име е „закана“?! Па нели гласаме за „Европска Македонија“, набрзо ќе влеземе во НАТО и ќе станеме дел од големото северноатлантско семејство, со што ќе исчезне заканата. Зарем во „кусото“ време пред нас ќе ја нападнеме Грција со безвучните авиони?? Нели НАТО вежбаше на Криволак за да им покаже на сите дека не штити? Јас помирно спијам откако министерката за одбрана манифестираше борбена подготвеност, а и генералот Стојановски го гледаме на спотовите!! Искрено, по пресудата во Хаг, со оглед на изгубениот спор, очекував Грција да предложи, како што тоа го стори Британскиот Дом на лордовите, веднаш да не примат во НАТО, без никакви услови. Ако е само името проблем, истово би можеле да го сторат и со ЕУ, заради мирот и доброседството. Да потсетам, Република Грција стана членка на ЕУ во 1981 година, со одлука Советот, иако Парламентот и Комисијата рекоа дека не ги исполнува условите. Го знаете ли ставот на Sir Robin О’Neal, првиот медијатор во спорот меѓу Грција и Република Македонија:”Грција знае дека еден ден Македонија ќе биде меѓународно призната под нејзиното уставно име!! Ама… Тукидит, па Тукидит…., а кога е добивањето датум за преговори со нас, процедурата и Копенхагеншките критериуми, ама и други, специјални за нас !! Што стана со предлозите на некои пратененици од Европскиот парламент и видни политичари, да склучиме Договор,ама тој да влезе во сила, по нашиот прием во ЕУ?? Да допотсетам: дали Романија и Бугарија влегоа во ЕУ со исполнети критериуми, или Шпанија и Португалија? Ги помните ли експлозиите во Тирана, среде приемот во НАТО во Букурешт? Не, не згрешија ни НАТО, ни ЕУ. Демократијата побрзо се учи во демократски амбиент, а не пред „отворените“ порти на НАТО и ЕУ.
СО „ВЕЧНА КЛАУЗУЛА“ (ETERNITY CLAUSE), ИМЕТО „СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА“ не смее да се менува
Во став 3, под е) се инсистира на задолжителна и неотповиклива ( !??) постапка за прифаќање на новото име “Република Северна Македонија“ како официјално име преку амандман на Уставот, небаре грчкиот потписник е овластен предлагач на уставни промени, а овој билатрален меѓународен договоре “надуставен акт“!!Згора, Преспанскиот договор наметнува „вечна клаузула“(eternity clause) во поглед на уставните промени што извираат од него. Тоа значи дека новото име ќе ни стане “Вечно“? Да, има меѓународни договори што предвидуваат ваква клаузула. Ама, големо прашање е дали Договор со кој се кршат ius cogens одредби, како онаа за правото на самоопределување во кое влегува и правото на секој народ да си го одбере името, знамето, грбот?? Секој договор, или норма од него што е во спротивност со меѓународните jus cogens одредби, согласно член 53 од Виенската конвенција е /се ништовни. Да потсетам . Забрана за целосна уставна ревизија(заради нивната “перфекција“, односно третман на „ремек-дела“), беше предвидена за грчките монархистички устави од 1911 и 1952 год!! Се разбира, уставната вечност е невозможна, зошто уставните доносители не се богови од Олипм, како што ни монарсите не владеат по милост божја!! Во оваа смисла, иако Уставот на Грција од 1968 година го забрануваше укинувањето на монархијата, во 1974 година, грчкиот народ на рефрендум изгласа нејзино укинување и воведување република со нов устав. Крајно невообичаено е со билатерална спогодба да им се врзуваат рацете на идните уставотворци. Но, она што важи за уставотворната власт, не важи за законодавната, како изведена. Грчкиот професор Евангелос Венизелoс, во оваа смисла, вели: „власта мора да работи на остварување на важечкиот уставен поредок, а не да го деструира или заменува со друг, спротивен (контраустав)… власта мора да се движи во уставните рамки, а не наспроти нив, или надвор од нив.“ А. нашата? Власт што не најавила никакви уставни промени, а камоли промена на уставното име, во Програмата и во изборната кампања, нема легитимитет даго прави тоа. Може, ако прво поднесе(ше) оставка, промената ја нотираше во Изборната програма и добиеше согласност, изразена со изборна победа. Но, напротив, на парламентарните и локални избори, СДСМ не убедуваше дека НИКОГАШ нема да го смени уставното име, ниту ќе прифати име што ќе важи erga omnes.
QUI PRIOR EST TEMPORE, POTIOR EST IURE( ОНОЈ ШТО Е ПОПРВ ВО ВРЕМЕТО , ПОЈАК Е ВО ПРАВОТО??
Каков идентитетски парадокс. Од 19 век до денес, Македонци и Македонки се радувале на лични имиња Македонка и Македон, ората и песмите ги нарекувале- македонски, се женеле и мажеле за Македонија, тагувале и боледувале за Македонија, умирале за Македонија, сонувале за Македонија, во неа гледале мајка, сестра и сопруга, градејќи го својот идентитет….
Го кажувам ова, зошто колега, политиколог и социолог од Малта, во потрага по одговорот за македонскиот идентитет и грчкиот идентитет, односно важноста на името “Македонија“ и придавката “македонски“ за идентитетот на Грците и Македонците вели дека токму погоре наброеното е најважно и дека го истражува.
Непобитен е фактот дека името Македонија дефинитивно се зацврсува со формирањето на македонската држава во текот на Втората светска војна. … и како државно егзистира од 1944 до денес.
Спротивно на тоа, вели проф Шкариќ„во Република Грција, името Македонија има периферна употреба. Ова име се користи пред се за научни, туристички и информативни потреби, но не и за државни и политички цели. На, пример, се до 1988 год. во Грција, никогаш , во никаква официјална форма не се користеше името Македонија. Нејзината северна провинција се викаше Северна Грција, а не Македонија. Оваа провинција, го менува името дури во 1988 год. и тоа со декрет на Првиот министер, а не со закон или одлука на Парламентот. Грчкиот интерс за Македонија се зголемува во 1977 год. со откривањето на Филиповата гробница во местото Кутлеш (вергина) во Егејскиот дел на Македонија од страна на солунскиот професор по уметност и археологија Манолис Андроникос. Денес, зборот Македонија апсолутно доминира во политичкиот говот и јавните медиуми во Грција. Интерсен е податокот што во Скопје долго време работеше конзулат на Република Грција кој никогаш не го одбегнувал официјалното име на Република Македонија. За прв пат, Република Грција почнува да го оспорува името Македонија дури во почетокот на 1992 година, однсоно во време кога Република Македонија дефинитивно се осамостои како суверена и независна држава“
Денес, Грција, која до 1987 год, не го употребуваше името Македонија, со договор ни го менува името на државата, не само за надворешна употреба, туку и за дома, за внатрешнаупотреба! Ако толку и било важно името “Македонија“ што не го зела за државно име или што не го вклучила во него, кога прва создала држава на Балканот, по отцепувањето од Отоманската империја?
УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Е НАД МЕЃУНАРОДНИТЕ ДОГОВОРИ
Авторите на договорот го занемариле членот 118 според кој “меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“. Значи, меѓународните договори не се над Уставот, ниту со нив може да се менува уставот на Република Македонија. На потег е Уставниот суд : да си го заслужи името, посегајќи по оценка на уставноста на Договорот!! Згора, овој договор не беше ратификуван согласно Уставот,односно согласно член 8, алинеа 3, во која е предвидено „владеењето на правото“ како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, зошто нема уставен основ , не водеше сметка за Законот за склучување, ратификација и спроведување на меѓународните договори, ниту во однос на овластените субјекти за неговото склучување, ниту во однос на постапката. И Деловникот на Собранието на Република Македонија не беше почитуван, зошто Законот за ратификација на Договорот, наместо во Комисијата за надворешни работи беше испратен од претседателот на Собранието до Комисијата за европски прашања, иако нема врска со неа, зошто не се работи за усогласување на македонската регулатива со европска директива(член 135, став 4) за да биде донесен во скратена постапка и да се избегне претседателот на Комисијата за надворешни работи, како пратеник од опозицијата. Не е почитуван ни член 188 од Деловникот, зошто во него се бара во Законот за ратификација на Договорот, да бидат утврдени: уставниот основ, причините за ратификацијата, оценката дали се бара донесување на нови, или измена на некои закони, како и оценка на потребата од финансиски средства. Никаде не пишува дека со Договор може да се менува Уставот!! Беше утврдено дека за усвојување на Законот за ратификација на овој Договор е потребно обично мнозинство, иако се работи за промена на името на државата, преамбулата, член 3 и член 49 од уставот! Само за споредба, за ратификација на меѓународните договори, според Грчкиот устав, потребно 3/5 мнозинство од грчкиот парламент (член 28, став 2).
Собранието на Република Македонија го усвои Законот за ратификација на Преспанскиот договор, без присуство на опозицијата, со 69 гласа “за“, во улога на потенцијален „национален“ кум на Република Македонија кој што решил да и го смени името на 74 годишната напатена старица, зошто во соседна Грција, во 1987 година, три области биле наречени Централна, Источна и Западна Македонија.
ПОЛИТИЧКАТА ГЕОГРАФИЈА ВО ФУНКЦИЈА НА ГЕО-СТРАТЕГИЈАТА
Грчката „логика,но и онаа политичарите од власта е дека спорот најдобро се решава со име на нашата држава со географската одредница, заради разграничување на северниот дел од географска Македонија од Грчка Македонија !! Ама, еве како изгледа географијата: на југ, регионите (воспоставени во 1987 година со декрет, наместо дотогашната Северна Грција): Централна, Источна и Западна Македонија (без придавката “грчка“), што честопати, Грците ги нарекуваат само “Македонија“, а ние и Бугарите : Егејска Македонија, како географско-историски факт ; на Север: државата што треба да се вика „Република Северна Македонија“во која, исто така има региони: Западна Македонија, Северо-западна Македонија, Источна Македонија; во Буграија, Пиринска Македонија,..; на крајот, дел од географска Македонија има и во Албанија, по политичката поделба од 1913…Сакам да не сум во право, ама се плашам дека “конечното“ решение за името е далеку од конечноста и дека може да биде почеток на бесконечни “спорови“, зошто билатералното „географско“ разграничување може да предизвика акција/реакција од соседите, кои не се ни Латвијци, ни Французи, ни Белгијанци, ами Балканци !! Да повторам: методолошки е нелогично да споредувате и разграничувате држава од регион, зошто во прашање се различни ентитети. Само во уметноста има персонификации и метафори, од типот „ очи како небо“, но не и во меѓународните односи . Па, во САД, Австралија, Канада или Нов Зеланд има кој знае колку области со име Англија, Македонија, Шкотска, Велс…. многу градови и реки со европски имиња, па, нема проблем. Замислете ги државите од Јужна Америка да бараат од САД да го смени името, зошто има многу други американски држави, покрај нејзините членки. Истово важи и за ЕУ… па не се европски држави само оние во ЕУ, туку и многу други надвор од ЕУ, ама нема проблем….
ПОЛИТИЧКА, НАМЕСТО ПРАВНА ПРОЦЕДУРА, RULE OF MAN, НАМЕСТО RULE OF LAW
Преспанскиот договор не води сметка дека Република Македонија има правен систем, на чиј врв е Уставот, во кој, промените на правните акти се вршат по определена процедура. Тој наметнува експресна временска рамка на тектонски промени, како што е името. Процедурата е гаранција за демократијата, а нејзиното кршење доведува до неуставност и незаконитост!! Без нив нема Rule of Law. Собранието донесе одлука за распишување референдум без уставен и законски основ. Имено, ако според член 75, став 2 на Уставот: „указот за прогласување на законите го потпишуваат претседателот на Републиката и претседателот на Собранието“, тогаш, без потписот на Претседателот, указот за прогласување на Законот за ратификација на Договорот, не може да биде објавен, а необјавен акт не може да стапи во сила. Но, балканските егоцентични политичари, отсуството на демократски реформи во функција на силни и стабилни институции, чија работа е правно втемелена, го покриваат со „историски “потези и акти, иако лично живеат по максимата carpe diem!
На рака им оди недемократскиот меѓународен поредок, заснован на сила, а не на право и правда, насочен кон реалполитика. Но, реализмот мора да биде предизвикан од идеализам – верба во право, вредности, институции, ако сакаме да имаме подобра иднина и психолошки комфор. И малите држави и нивните граѓани имаат потреба од признавање и почитување на дигнитетот, од “ thymos”. Затоа постојат ОН и ius cogens, затое е основан Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во кој „забеганите идеалисти“ препозаваат зародиш на иден Меѓународен уставен суд!!
Да заклучам, би разбрала заштита на државното име со вечна клаузула, по мудрото предупредување на Блаже Конески за неговата тежина, ама забрана на промена на октроираното име „Република Северна Македонија“ и измените на Преамбулата, членот 3 (по втор пат) и членот 49 (повторно)од “европска“ власт, “во името“ на сите претходни и идни генерации и уставотворци, не разбирам.
ВЗАЕМНА СОГЛАСНОСТ ЗА КОМЕРЦИЈАЛНИТЕ ИМИЊА, ТРГОВСКИТЕ МАРКИ И ЗАШТИТЕНИТЕ БРЕНДОВИ?
Во член 1, став 3, под ж)во врска со новото име и неговиот одраз врз комерцијалните имиња, трговските марки и заштитените брендови, се бара дијалог за взаемно прифатливи решенија, преку „меѓународна“ билатерална експертска група, во рамките на ЕУ, со соодветен придонес на ООН и ИСО, што би се формирала во 2019 година и во период од три години би се постигнала взаемна согласност!! Идејата би била одлична, ако не е заснована на отворени барања за преименување на сите имиња, трговски марки и брендови , согласно името Северна Македонија, под протекторски диктат на Република Грција. Се разбира, ИСО има акти и правила за имиња и термини,трговски марки, а Грција и Македонија се негови членки. Обете земји имаат стопански комори и други деловни асоцијации, па согласно меѓународните правила и обичаи ќе ги решаваат проблемите.
ВО ТРКАТА СО ВРЕМЕТО, НАСТРАДА ПРАВОТО, АМА НИЕ ГИ ПРЕТРКАВМЕ СРБИЈА И ЦРНА ГОРА ВО РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ЕУ. ТИЕ ЌЕ ГО ОРГАНИЗИРААТ ПО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ПРЕГОВОРИТЕ, АМА НИЕ- ПРЕД ДА ГИ ПОЧНЕМЕ! КОЈ ЌЕ ЧЕКА ДО 2030 и некоја ??
Во член 1, став 4, императивно се утврдени чекорите што мора да ги направи Втората страна, по потпишувањето на Договорот. Се заборавадека Република Македонија има Устав и закони, подзаконски акти, правни процедури, уставно и законски утврдени рокови за определени постапки. Се споменува референдум, како диспозиција на власта, што може, но не мора да се спроведе. Затоа власта, за “за секој случај“, смисли sui generis анкета- референдум со сугестибилно прашање (иако за НАТО и ЕУ и досега имало многу анкети со константно висока подршка), па, наместо да не праша за Преспанскиот договор, односно за промената на името (можеби можеше да додаде: во функција на приклучување кон НАТО и ЕУ), иако и тоа е бегство од вистинското прашање ) не стави во Прокрустова постела, односно во Бермудски триаголник од три прашања во едно (ЕУ, НАТО, Преспански договор)во кој, дури и да сакате, не можете да одговорите со “да“ или „не“. Иако, во секој закон за референдум се инсистира на јасно и прецизно прашање, на кое може лесно да се одговори со “да“ или „не“, власта се определи за сложено, конфузно, капциозно, сугестибилно, нејасно и неприцизно прашање, со одговор од многу комбинации на „не“ и “да“, со најмногу „не“ за Преспанскиот договор, најмногу “да“ за ЕУ и помалку “да“ за НАТО!! Ако сме жедни за европски стандарди, зошто не ги почитуваме референдумските, предвидени во Кодексот на добри рефрендумски практики, во кој се инсистира на формална, содржинска и хиерархиска логика на референдумското прашање? За што НИЕ всушност треба гласаме пред да се пристапи кон уставни измени? За ЕУ? Па, ние не сме ги ни почнале преговорите за ЕУ, а камоли да гласаме. За ЕУ се гласа по завршени преговори, за ЕУ се потребни уставни измени. Ама, затоа измислија консултативен референдум, иако за ЕУ може да има само задолжителен: ем по УСТАВОТ, ем по Законот за рефрендум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните. Се прашувате ли зошто Србија и Црна гора, кои се далеку пред нас на патот кон ЕУ не одржале референдум? Колегите од регионот велат дека, во едно сме биле далеку пред нив: во референдумот за ЕУ и НАТО!! Ако гласаме за ЕУ, зошто тогаш во сите странски медиуми пишува дека гласаме за промена на името? Зарем уште не научивме дека не се оди во ЕУ со европска реторика ?? Од отворената врата на ЕУ и од европското сонце сме оддалечени најмалку петнаесеетина години. За да не огрее, треба да ги расчистиме темните облаци над нас и маглата околу нас , од кои ни со телескоп не можеме да го видиме. Мора да се справиме со авторитарната, неука и примитивна политичка елита; досадната, хорска, баронизирана, медиумска сила, која го уби(ва) новинарството; иритирачки, од гео-политички причини, сеприсутни, слаткоговорни, препрагматични, меѓународни претставници ; одомаќениот криминал; банализираната корупција; неавтентичниот, до непрепознавање посинет, олигархиски и глобално диригиран(не)владин сектор; новозависното и новополитизирано судство, партизираниот, импотентен и бесплоден бирократски апарат….Ако на ова ги додадеме најзагадениот воздух, и најзагадените води, нездравито здравство, необразованото образование, некултурно водената култура…. се плашам дека животариме во „МАГЛА“ Карпентер, во која лежи причината за амнезијата и амнестијата на ветувањето дека : додека го дишат овој воздух, во името на претците и потомците нема да го сменат уставното име, а ние, кои дишеме на трски, како “Старите Словени“ во балканското мочуриште, се бориме да останеме со здрав разум и критична мисла!
Неспорно е дека Балканот, не само географски, туку и историски и културно е интегрален дел на Европа и Homo Balcanicus на европскиот пат ќе созрее како Homo Europicus. Идејата за ЕУ е инспиративна и логична филозофија, силен мотив за демократски реформи. Ама, ЕУ не може да биде polity без nomos, logos, ethos, па и pathos. Не се оди кон ЕУ со кршење на Rule of Law, туку со политика во границите на правото. Во ЕУ не се стига со благослов на Папата Франциско: „Браќа и Сестри од “Балканската мафија”, покајте се!. Ајде да ја обновиме Црквата!!“ Не, туку со нормална, функционална, одржлива демократија. Не е доволна европската реторика, нужна е европска политика.
УЛТИМАТУМОТ КАКО (НЕ) ДЕМОКРАТСКИ ИНСТРУМЕНТ
Свесни сме за нашиот политички хендикеп заради правото на вето на Грција, или било која друга членка на НАТО и ЕУ, односно можноста за блокада на патот или при приемот во ЕУ и НАТО. Но, значи ли тоа дека сме спремни да прифатиме било какви услови и ултиматуми, па и дури и такви за кои имало консенсус дека никој и ниогаш не би ги прифатил до средината на јуни? Кога ни сервираат вести за дадена согласност за некои сложени имиња премолчуваат дека “ниту едно“ не било прифатено за севкупна употреба. Тоа и г-дин Ципрас го кажува. Два пати го сменивме Уставот за да го “решиме“ проблемот со името, го сменивме знамето, прифативме кршење на Повелбата на организацијата на обединетите нации (иако нема македонска нација во договорот ) кога решија да ни се обраќаат со референца, потпишавме Привремена спогодба ….. што ако треба уште 35 пати да го кршиме уставот и законите, заради уште сега гласната двојна интерпретација на Преспанскиот договор. Како да „одлучуваме“ на претстојниот референдум, ако само 3% од граѓаните имаат увид во него ?
КАКОВ Е ТОЈ НАЈДЕМОКРАТСКИ ИНСТРУМЕНТ : РЕФЕРЕНДУМ ШТО МОРА ДА УСПЕЕ?
Од став 4 на членот 1, јасно е дека референдумот за власта „нема статус на “conditio sine qua non” за стапување во сила на Договорот, зошто, неуставно и незаконски е оквалификуван како „консултативен“, па резултатот „може“, но „не мора“ да биде прифатен од Собранието, а уставните услови од членовите 73 и 120 се релативизираат/суспендираат!! Може ли консултативен референдум за прашање за кое мора да биде задолжителен да биде историски?
Да укажам на француското богато референдумско искуство. Иако францускиот устав експлицитно не споменува дека резултатот од референдумот е задолжитетелен, Уставниот совет (Уставен суд), кој има важна улога при организирањето, набљудувањето и оценката на референдумот, како конечен арбитер, даде толкување дека: „никој нема право да ја оспори одлуката и вољата на суверениот народ!! Во нашиот Устав , референдумот за ЕУ и НАТО е задолжителен и одлучувачки, а според Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување нема никаков правен основ овој референдум да биде консултативен! Впрочем, ако Премиерот, пред Европскиот парламент, зборуваше за Северна Македонија, како за усвоено решение, референдумот станува беспредметен и бесмислен, зошто за власта , резултатот е познат уште пред да се одржи. Од кого извира суверенитетот тогаш: од нас, или од неа?
ВИРУСОТ „ЈАНУС СО ДВЕ ЛИЦА“ ХАРА ПО БАЛКАНОТ
Во член 1, став 4, под а) се налага Втората страна, без одлагање да го достави договорот до собранието за ратификација, небаре се работи за држава што изгубила војна и се наоѓа под окупација. чуму брзање? Трката со времето врзана за „фаќање на роковите за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ“(не добивме датум) и покана за членство во НАТО ( не ја добивме), ја втурнаа Република Македонија во прифаќање решенија за кои преговарачите, како во предизборната кампања, така и до пред самото потпишување на Договорот, тврдеа дека никогаш нема да ги прифатат. тие немаа ниту мандат ниту легитимитет да ги прифатат, заради нивно непостоење во Предизборната програма на СДСМ и коалицините партнери, ниту во Програмата на Владата. Свежи ни се јунските, страсно повторуваните изјави на Премиерот за неприфаќање на било какви уставни промени, односно отфрлање на erga omnes пристапот, со исклучок на најдобриот/единствениот предлог „Република Илинденска Македонија“, што ја фрли Републиката во пламен цели 24 часа, но по грчкото “охи“, паднавме спржени од илинденското сонце (Михалков), свесни дека пропадна предлогот ама остана начелото erga omnes за следниот предлог. Маестрална грчка дипломатска победа и катастофален македонски дипломатски пораз. Изгоре Крушево, си шепотевме…
УСЛОВЕНА РАТИФИКАЦИЈА = ПРАВНА НЕСИГУРНОСТ
Во член 1, став 4, под б) се бара Втората страна да ја извести Првата за ратификацијата на Спогодбата. Во Привремената спогодба, Првата и Втората страна беа рамноправни во однос на обврската за нејзина ратификација и во неа не се условуваше нејзината ратификација од Првата страна со претходна ратификација на другата. Каде и зошто се изгуби рамноправноста на двете држави како правни субјекти, иако рамнотежата, по Хашката пресуда беше на повидок, па познати имиња по Меѓународно право, како проф. Франческо Месинео, но и грчки политичари и новинари , напишаа и изјавуваа дека, посредно, пресудата има огромна импликација на спорот за името!
РЕФЕРЕНДУМ ШТО МОЖЕ , НО НЕ МОРА ДА СЕ ОДРЖИ, РЕЗУЛТАТ ШТО МОЖЕ, НО НЕ МОРА ДА СЕ ПРИФАТИ, УСТАВ ШТО МОЖЕ, НО НЕ МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВА???
Во член 1, став 4, под в) и се остава на Втората страна, ако така одлучи (значи, може, но не мора) да одржи референдум („факултативен???“). Очигледно е дека креаторот рачуна на правниот ефект на уставната одредба од член 118 дека”меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон!! Ама, како што предочивме претходно, Законот за ратификација на Преспанската спогодба не беше изгласан во согласност со Уставот, Претседателот не го потпиша Указот за негово прогласување и истиот, сеуште не стапил во сила. Во нашиот Устав не постои ниту надлежност на Собранието, ниту постапка за промена на името. Се чини дека името Македонија природно се наметнало, како неразделно од Македонскиот народ, Македонската нација и вековната борба за национална држава. Никому не му паднало на памет поинаку да ја нарече државата, извојувана во антифашистичката и народноослободителна борба!! Со дисолуцијата на СФРЈ, повторно, природно беше новата држава да си го задржи името, како име на самостојна и независна држава Македонија!! Тезите дека повеќе пати сме го менувале со придавките: Демократска, Народна, или Социјалистичка Македонија, не заслужуваат коментар!! Ignorantia! .
ДАЛИ Е ГРЦИЈА ОВЛАСТЕН ПРЕДЛАГАЧ НА АМАНДМАНИ НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА? А, VICE VERSA? ОД КОГО ИЗВИРА СУВЕРЕНИТЕТОТ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА???
Во член 1, став 4, под г)и се налага на Втората страна да започне постапка за донесување амандмани како што е предвидено во овој договор!!
Првата страна заборава дека Втората страна е меѓународно признат државен субјект, членка на ООН, на Советот на Европа, на многу други регионални и мегународни организации. Во нејзиниот устав е утврдено како се менува тој. Во Деловникот е конкретизирана постапката. Во Собранието има Комисија за уставни прашања…. Во членот 130 пишува дека предлог за измени на Уставот на Република Македонија може да поднесат: претседателот на Републиката, Владата, најмалку 30 пратеници или 150 000 граѓани. Во Уставот не пишува дека уставни промени може да иницира соседна држава, или меѓународната заедница заради несогласување со името „Република Македонија“. Ние не можеме да пренесеме дел од суверенитетот на грчкиот парламент и народ , односно на соседна Грција. Можеме на ЕУ, кога ќе дојде време за тоа, пред влезот во неа. Промената на Уставот е сложена постапка, што треба да се прави, „ со рака што трепери“ , од одговорност се разбира, а не од страв од изолација. Таа е сложена и се одвива во неколку фази, а предвидува и јавна дискусија. Ако сите досегашни чекори врзани за Преспанскиот договор се одвиваа во брза постапка, се плашам дека и Уставот се спремни, под „европско знаме“ да го сменат по скратена, а можеби и итна постапка. Заради високата цел, ама ниту една цел не може да ги оправда ниските политички сретства! Од Кант треба да се водиме, а не од Макијавели!!
АМАНДМАНИ ШТО МОРА ДА СЕ ДОНЕСАТ ДО КРАЈОТ НА 2018, А НИЕ ТРЕБА ДА ГИ ПОДРЖИМЕ НА РЕФРЕНДУМ , БЕЗ ДА ГИ ЗНАЕМЕ : МАЧКА ВО ВРЕЌА!
Во член 1, став 4, под д), не водејки сметка за сложената постапка за промена на Уставот, во императивен стил се бара Втората страна „во целост да ги усвои амандманите до крајот на 2018 година!! Како може премиер и министер за надворешни работи на Грција, „да им нареди“ на пратениците кои ги претставуваат граѓаните на Република Македонија, да усвојат амандмани, чија содржина ја нема во Договорот, па не ја знаеме ниту ние, ниту нашите претставници , во време „што го договориле преговарачите“, во нетранспарентна постапка, без да ги консултираат претседателот, опозицијата, пратениците и граѓаните? Како можеа 69 пратеници да гласаат за Закон за ратификација на Договор , без да знаат што ќе се менува во Преамбулата, членот 3 и членот 49? Да потсетам: во 2014 година, коалицијата на ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ покрена покрена постапка за уставни измени. Амандманите ги поминаа сите фази, беше добиено мислење од Венецијанската комисија, во кое имаше остра критика за некои , но и пофалба за други. И….. никој не знае каде завршија не само лошите, туку и добрите. Веројатно се исплашија од отворањето на Пандорината кутија, од која за жал, кај нас не излегуваат европски духови, туку најпримитивни балкански авети. Наместо да ги затвориме големите уставни дупки и расплетеме уставните конфузии, ние измислуваме нови, па ни прети опасност да се најдеме пред амбисот за кој алегорично и луцидно пишуваше Радое Домановиќ!
„ВТОРАТА СТРАНА“ ГО ИЗВЕСТУВА РЕВИЗОРОТ И ГО ЧЕКА НЕГОВИОТ ПРАТЕНИЧКИ АМАНЕТ ВО ФОРМА НА РАТИФИКАЦИЈА. А, АКО НЕ ГО ДАДЕ?
Во член 1, став 4, под ѓ) небаре грчка колонија, Втората страна , се обрзала да ја извести Првата за донесените амандмани и завршените внатрешни правни постапки, за да може Првата страна да ја ратификува веднаш!!! Ова е една од ретките обврски на Грција. Со ваквите обврски, Првата страна се самоограничува како државен субјект, трансформирајќи се во потчинет квази-државен ентитет, слаба држава, недовршена држава, со елементи на пропадната држава !! Да повторам : Кривичниот законик на Р. Македонија предвидува дека оној кој ќе ја доведе Република Македонија во подредена положба во однос на друга држава ќе стори казнено дело (член 308). Членот 178 од Кривичниот законик ја санкционира повредата на угледот на Република Македонија. Членот 179 се однесува на кривично дело: излагање на подбив на македонскиот народ и припадниците на заедниците! Извинете ме, зарем и јас се заразив од заканите за „ кривична одговорност“? Не ми личи.
Во член 1, став 5, на “страните“ им се наложува, по влегувањето во сила на оваа спогодба, да го употребуваат новото име и термините од член 1, став 3 во сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, вклучувајќи ги односите со сите држави –членки на ОН. Се разбира, иако став 5 оперира со плурал, односно со страните, обрската е само за Втората страна, зошто Хеленската република е надредената, а беззимената Втора страна- подредената. Навистина е „достоинствено“ да барате од оние кои ве признале под уставно име, сега да ве препризнаат како „Северна Македонија“, небаре четврти регион во Грција сте!! Гласајте за „европска Македонија“, велат политичарите-диригенти, Грчките политичари опоменуваат, хористите од секаков профил го повторуваат рефренот, ама политичките диригенти за последен пат официјално го прават тоа, зошто по стапувањето во сила на Договорот, не ќе смеат да го употребуваат ова име, а ќе мора да ги предупредуваат и третата страна да не го прави тоа, зошто го забранува Договорот и „ќе го повредат правото“!! Оние 140 тина држави што не признале под уставно име , тоа го сториле заради Повелбата , а не од љубов кон нас. Тие ги знаеле и верувале во нормите од ius cogens карактер кога влегувале во ОН! Администрацијата на ОН пак, најдобро ги знае, зошто на нив е заснована, на нив се повикува и нив ги брани, ама Тукидит!! Ние, без правен основ, како Одисеј сме осудени на талкање на патот кон НАТО И ЕУ, ама тој си го најде патот до Атика со помош на правичните богови, а ние, во отсуство на право, правда и етика кај политичките богови, треба да се преправиме во други за да поминеме крај Полифем!! Треба да прифатиме ново име, преку уставни промени, по консултативен „референдум“ (post festum )што е далеку од облик на непосредна демократија , зошто е киднапиран од носителите на претставничката, чија кочница и провтивтежа, наместо нивен инструмент, треба да е!! O, tempora, o mores!!
ЗОШТО ГРЦИЈА И МАКЕДОНИЈА СКЛУЧИЈА ПРИВРЕМЕНА СПОГОДБА, ЗОШТО ДОНЕСОА МЕМОРАНДУМИ, ЗОШТО БЕА НА СУД ВО ХАГ?
И ставот 6 содржи обврски само за Втората страна. Имено:
а) Втората страна треба, не само да ги информира сите меѓународни, мултилатерални и регионални организации, институции и форуми, во кои членува за Преспанскиот договор , туку и да бара од нив да го прифатат и употребуваат името и пропратните термини од член 1, став 3, зошто сама решила да си го смени името што и го предложиле.
Штом на сите им е јасно дека “спорот за името“ нема ни минимум правен основ во Повелбата, сега, „ние, самите“ треба маестрално да одглумиме статистичка улога дека конечно сме сфатиле дека не ни личи нашето „ружно“име и дека мора да се научиме/привикнеме на прекрасното „Република Северна Македонија“ ако сакаме благослов од Грција за НАТО и ЕУ!! Па, не го ризикуваме ли незаслужениот респект и подршка од 140 држави? Затоа ли се боревме во еснафските здруженија, а колегите не разбраа и примија во членство под нашетоуставно име ? Затоа ли, при секоја употреба на акронимот, протестиравме. Па, ова го констатира и Судот во Хаг, кога вели дека никогаш не сме го прифатиле и употебувале акронимот и никој не можел да бара од нас да го правиме тоа. Другите (не сите) ни се обраќале на него, а ние си се ословувме по “свое“.
НИТУ ЕДЕН БИЛАТЕРАЛЕН ДОГОВОР НЕ МОЖЕ ДА СОЗДАВА ОБВРСКА ЗА ТРЕТА СТРАНА, АМА АКО ЈА ЗАМОЛИТЕ ПО ВОР ПАТ, АМА СЕГА СО СПРОТИВНО БАРАЊЕ, МОЖЕБИ ЌЕ ГО ОТПОВИКА СТОРЕНОТО,СОЖАЛУВАЈЌИ ВE ВАС.ШТО АКО НЕКОЈА СЕ ПОВИКА НА МЕЃУНРАДНОТО ПРАВО??
б) Втората страна,исто така, се задолжува да ги извести сите држави за оваа спогодба и да бара од истите да го прифатат и користат новото име, небаре сами, како Свазиленд, сме решиле да си го избереме, односно да си го повратиме своето, отфрлајќи го колонијално. Ама, ние прифативме “нужен, разумен компромис“! Зарем да бараме од оние кои ја почитуваа Повелбата на ОН, сега да ја кршат? Зарем да заборавиме на пресудата од Хаг?„Заедничката иднина на Македонија и Грција е онаа на партнери во ЕУ и НАТО, а не на спротивставени страни во вечен конфликт за името. Неспорно е дека има сериозен спор за идентитетски прашања на обете земји, но очигледно е дека ова не се времиња за вакви спорови. Во време кога начелото на самопределување на народите е основан норма на меѓународното право, надворешната доминација не е за гордеење. Човек се прашува дали “наследството на минатото“ на историски пан-азиски освојувач е легитимна цел за меѓународен спор!! Без оглед кому му припаѓа Александар Велики, неговата империја пропаднала како и сите други империи( и нивните сенки), пишува Месинео! .
ЗБОГУМ МАКЕДОНИЈА, ЗБОГУМ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА. МАКЕДОНИЈА Е СЕ ШТО (НЕ)ИМАМЕ??
Во член 1, став 7, се утврдува дека со влегувањето во сила на оваа Спогодба, престанува употребата на термините „Македонија“, “Република Македонија“, “поранешна југословенска Република Македонија”БЈРМакедонија“, во оригинална или преведена форма, како и референцата бјРМ, во каков било официјален контекст за обраќање кон Втората страна. Забраната е очигледно “erga omnes”, односно важи не само за обраќањето на Првата кон Втората страна, туку и за трета страна кон Првата , од моментот на влегувањето во сила на Договорот. Каков ли СИЗИФОВ напор треба да стори човек за да прифати ваква реалност кога знае дека претците му умирале и родители се бореле за Македонија? Каков парадокс! Трите грчки провинции, со декрет оснивани во 1987 год. како Централна, Источна и Западна, може да си се викаат и само Македонија, а државата Македонија- не!! Признавам, тешко ми е, како партизанско дете, родено , растено, воспитувано и образувано во Македонија. За што се борел мојот татко на 19 годишна возраст, како партизан во Македонско-косовската пролетерска бригада? Зарем не го греела во Фебруарскиот поход решеноста да се избори за Македонија? Сигурно при ослободувањето на Кичево, копнеел по слободна Македонија, се гордеел што е избран за делегат на Младинскиот конгрес во Фуштани, Егејска Македонија. Како ќе им објаснам на моите внуци дека трите ордени за храброст се за Македонија, а не за Северна Македонија? Звучам патетично, предмодерно, ама името е татковиот завет, а ние и за децата преферираме имиња на баби и дедовци. Ама, тие се универзални, ги има и во Грција и во Британија, ама никој не бара да ги сменат!! Напротив, зближуваат, не делат. Зошто оваа промена ми буди лоши спомени на времињата кога им ги менувале имињата на нашите претци….
Како и во претходните ставови, се занемарува дека оваа земја има Устав и дека овој Договор нема и не може да има надуставна сила. Па, Уставниот договор на ЕУ, во 2005 година не помина на референдумите во Франција, Холандија, Република Ирска…. па не беа обвините граѓаните!! Политичарите ја разбраа пораката и посегнаа по алтернативата, наречена Лисабонски договор, докажувајќи дека во демократијата секогаш има алтернатива, а само во диктатурата нема!! Референдумот за „БРЕГЗИТ“ успеа со минимална разлика. Ама, Во Обединетото кралство, приврзениците “за “ и “против“ се регистрираа во Државната комисија, капањата ја водеа партиите и различни здруженија на граѓани, кои си номинираа овластени претставници, кои отворија посебни сметки… Внатре во партиите имаше и „за “ и “против“. И меѓу министрите имаше “за “ и “ против“… Безброј дебати беа организирани….. особено на универзитетите. Сега повторно се актуелизира прашањето за нов рефрендум од различни позиции.
Кодексот на добри референдумски практики содржи одредби за можност од нов референдум за исто прашање по истекот на определено време, па во Британија се актуелизира, од различни политички позиции идејата за нов референдум за истото, или слично прашање. На оваа линија е и членот 19 од нашиот Законот за референдум и други облици на лично изјаснување: „Референдум за исто прашање не може да се повтори пред истекот од две години од денот на одржаниот референдум.“
Но, високи претставници на меѓународни организации веќе го употребуваат новото име, а претставниците на нашата власт, вртат, сучат околу нашето сеуште важечко уставно име, избегнувајќи го, на очиглед на народот, или „храбро“ го употребуваат новото, како премиерот во Европскиот парламент!!! Катаден има “грешна“ употреба на името и придавките врзани за него, по што следи “извинување“ за ненамерната „грешка“…Освен тоа, низ правна призма, на оваа одредба, што цели да има не само inter partes, туку и erga omnes дејство, не и место во билатерален договор. Само со Резолуција може да се замени Резолуцијата (817), а не со Преспански договор. Со билатарален договор не може да им се наметнуваат обврски на трети страни, ама “нужно е“ да ги замолите.
УСТАВОТ Е LEX SUPERIOR И НАЈВАЖЕН ОПШТЕСТВЕН ДОГОВОР ВО РУСООВА СМИСЛА
Став 8 на член 1, со влегувањето во сила на Договорот , ја врзува обврската, обете страни да го користат името „Република Северна Македонија“ за сите намени и цели со erga omnes ефект, како за внатрешна, така и за надворешна употреба. Веќе истакнав дека, на сеуште неодржан референдум и несменет Устав, сведоци сме на широка употреба на името „Република Северна Македонија“, не само од претставници на држави што стојат зад Преспанскиот договор, туку и од домашни носители, кои го избегнуваатифицијалното име, или пак го употребуваат новото. Нели сме сите под Уставот, или некој е само под „под Преспанскиот договор“? Искрено, недоволна е изјавата дека промената на името е болна, но неизбежна на патот кон ЕУ и НАТО. Кога со насмевка зборуваат за новото име, сугерираат дека им паднал тежок товар, ама ние се чувствуваме нелагодно и гневно, како да признаваме дека не сме го заслужиле ТЕШКОТО име, или дека сме го „позајмиле“, па и „украле“ од Грците?? Ама, ако на Грците им било толку важно, ќе го одбереле сами за државно, зошто држава стекнале во 1830!! Зарем промената на името е “завршена работа“, без оглед на референдумскиот резултат и сеуште непроменетиот Устав.? Слушаме и читаме најневеројатни интерпретации за ефектите од успешниот референдум. Оние кои не го прочитале, ама им паднале в раце разноразните пропагандни материјали, веруваат дека на 30 септември или најдоцна догодина “влегуваме во НАТО И ЕУ, зошто на нив се однесува референдумското прашање, како и дека штом Премиерот зборувал на македонски во Европскиот парламент ( генерална проба), македонскиот јазик станал службен во ЕУ и НАТО“?! Наместо антиципативни , футуристички пораки, подобро е, согласно Кодексот на добри референдумски практики да го дистрибуираа Преспанскиот договор со прецизно образложение и аргументација на промените. Жестокото навивање и неискрените и претерани фалби од дома и од надвор раѓаат недоверба и сомнеж. Па , најголемиот број од гостите и не знаат што пишува во него, туку повторуваат ист рефрен. Не им се лутам, зошто за нив е важно да се затвори еден проблем, а другото е „ колатерална штета“. Доаѓаат и си одат, се сликаат со нашите политичари за историскиот албум, предизвикувајќи им чувсто на „ Пинки го виде Тито“, а ние си остануваме во (Не)европска Македонија.
Најповторуваната порака е дека треба да бидеме активни граѓани, спремни да се соочат со единствениот предизвик да одговорат со едно „ да“ или „не“ на три прашања во едно. Дури и јавни личности кои ни се исповедаа дека никогаш не гласеле, сега викаат: гласај за иднината, заборави го минатото и сегашноста во која живееш. Соочени сме со сатанизацијата на бојкотот, па дури чувме дека Атлантскиот совет, веројатно заради иперативот за нашата евроинтеграцијата, посегнал по форензика, во разоткривањето на оние кои повикуваат на бојкот!! А. лекцијата од Camridge Analitica, a иноволвираните од Македонија. Заминаа со летото.
Да повторам: во најмногу држави во светот, меѓу кои и нашата, нема задолжително гласање, зошто избирачкото право се третира како лично право, а не како државна обрска, па апстиненцијата, чија причина и форма може да биде и бојкотот е легална и легитимна опција, начин на изразување на став во форма на граѓански протест и делегитимирање на власта!! Компаративните референдумски искуства откриваат присуство и на “стратегија на бојкот“, меѓу останатите референдумски стратегии!!Ама, да слушате хорски апел до вашата граѓанска чест и одговорност да излезете на историски консултативен референдум, зошто власта е „жедна да ве чуе“, ама не и да ве послуша, а да му припаѓате на хорот кој не настапил на референдумот за самостојна и независна Македонија од 1991, или повикувал на бојкот и не учествувал на оној од 2004 на граѓански трошик, или пак, до вчера велел дека референдумот е непотребен, зошто политичарите не смееле да се кријат зад граѓаните – е или тешка хипокризија, или амнезија.
ВЕДНАШ, А НЕ ВО РАЗУМЕН РОК ДА СЕ СМЕНИ ИМЕТО ВО СЛУЖБЕНИТЕ ДОКУМЕНТИ!
И став 9 на член 1 има наредувачки карактер, зошто повторно, Првата страна наредува, а втората треба веднаш да ги превземе сите неопходни мерки за употреба на името и пропратните термини од член 1, став 3 во новите службени документи, при коресподенцијата и во релевантни материјали, по влегувањето во сила на Договорот. Во прашање е чин на мешање во правниот и политички систем на Република Македонија, небаре се работи за изгубена војна и и /или окупација.
ДРЖАВНА, СЛУЖБЕНА АМА И ЛИЧНА ДЕНОМИНАЦИЈА ПОД БУДНОТО ОКО НА ГРЦИЈА, НАЈДОЦНА ЗА ПЕТ ГОДИНИ
Во став 10 на член 1, Првата страна и директно се меша во правниот и административен систем на Втората, одредувајќи а) „технички “ период и б) “политички“ период, под кои се подведени активности што будат меморија за слични постапки во турско, бугарско, српско… времето на нашите мајки и татковци, баби и дедовци… репресирани во обидите за асимилација.
Во рамките на а) „техничкиот период“ (каква парадоксална синтагама )сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба , како и документите за внатрешна употреба што може да се користат и надвор од државата треба да се обноват со името Република Северна Македонија, најдоцна во рок од 5 години по влегувањето во сила на оваа Спогодба.
Под б) во рамките на т.н „политички“ (каква бизарна формулација ) преоден период, сите документи и материјали за внатрешна употреба во Втората страна, ќе треба да се во согласност со новото име. Нивнито реиздавање започнува со отворањето на секое поглавје во преговорите, а мора да се финализира во рок од пет години!! Се прашува ли некој колку болно и скапо е ние, граѓаните да мораме се нурнеме во кавканијански свет, во кој, како поданици треба, со горчна да трошиме пари и време на промена на документи, небаре сме склучиле брак? Зарем не е ова повреда на нашиот интегритет и дигнитет и приватност, заштитени со член 8 од ЕКЧП?
Ова решение и отвара на Грција, на нашиот пат кон ЕУ, простор за понатамошно уценување на Република Северна Македонија, како оружје (непознат инструмент во меѓународното право) за условување, не само на нашиот правен и политички систем, туку и на нашиот приватен живот!! Не се сомневам дека еден ден, чувените професори по меѓународно јавно право, Richard Falk од Принстон и Fransis Boyle од Илиниоис, потписници на писмото против Преспанскиот договор, ќе објават критички трудови со длабоко несогласување со ваквата “неевропска“ политика и дипломатија.. ама, нивното прашање е : каде се нашите и вашите колеги ?
И УСТАВОТ МОРА ДА СЕ МЕНУВА БРЗО, ПА МОЖЕБИ И АМАНДАНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЌЕ ОДАТ ПОД ЕВРОПСКО ЗНАМЕ, А НЕ ПО ПОСТАПКАТА ЗА МЕНУВАЊЕ НА УСТАВОТ, „ЗА ДА СТИГНЕМЕ ПОБРЗО ДО ЕУ“
Во став 11 на член 1, Првата страна наметнува “брзо усвојување на уставни амандмани“ од Втората страна, по ратификацијата на Договорот од Собранието , или по референдумот, ако одлучи да го организира. Очигледно е дека одржувањето на референдумот се третира како дискреционо право на Втората страна, која може, но не мора да го спроведе. Затоа власта, за секој случај, како знак на „добра воља“ кон нас, граѓаните, реши да не удостои со „консултативен “post festum референдум. Договорот се става “над Уставот на Република Македонија, зошто Устав не се менува на брз начин, туку во сложена постапка утврдена со Деловникот на Собранието. Но, , кооперативната и лојална „македонска“ власт веднаш се фати во костец со битката со времето и незаконски, во скратена постапка го изгласа Законот за ратификација на Договорот, иако се работи за ИМЕТО НА ДРЖАВАТА! За разлика од постапката на „брзи прсти“ во нашето Собрание , кога се постави прашањето за ратификацијата на Договорот од Грчкиот парламент, опозицијата побара 3/5 мнозинсто, односно 180 гласови од 300 пратеници, како што е утврдено со Уставот на Грција, на што, г-дин Козас одговари дека: „не се откажува Грција од суверенитетот, па да се инсистира на такво мнозинство. Погодете кој се откажува од него? Има ли поголемо откажување од суверенитетот од откажувањето (под духовна принуда) од наследеното државно име “Република Македонија“? Па, барем веднаш да влегувавме во НАТО и ЕУ… а не во условен футур! Зарем е во ред Закон за ратификација на Договор за промена на името да се донесе со обично мнозинство, а да се легитимира со консултативен референдум?? Какво државничко однесување.. заслужува Нобелова награда за мир, ама чувениот Јохан Галтунг, норвешки социолог и математичар, основач на мировните студии, не мисли така, како еден од потписниците на протесното писмо против Преспанскиот договор . Но, тој не бил “cool”, кулираа некои подржувачи на Договорот!
ПРОМЕНА СО ЕДЕН АМАНДМАН, со еден потег на перото, без да Ви затрепери раката?
Во член 1, став 12 е утврдено дека промената на името во Уставот ќе биде извршена со еден амандман, со еден потег на перото во сите уставни членови!! Во „брзањето“ кон НАТО и ЕУ, конституционалисти „заборавиле“ дека во членот 19 и амандманот VII егзистира Македонската православна црква, како и дека во членот 36: „Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на МАКЕДОНИЈА….. Замислете ја промената. Зарем за Северна Македонија се бореле Илинденците, или партизаните??
И во членот уставниот член 49, кошто еднаш веќе го сменивме на грчко барање се гaрантира грижа за положбата и правата на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија…
Веројатно Грција барала да го препишеме нејзиниот член 108 од Грчкиот Устав кој гласи: „1. Државата ќе се грижо за Грците –емигранти и за задржување на нивните врски со Татковината. Државата ќе го подржува пбразованието, социјалниот и професионален напредок на Грците кои работата надвор од државата. 2. Со Закон ќе се специфицираат прашањата за организацијата, функционирањето и надлежноста на Советот на Хелените во странство, чија мисија е изразувањето на сите Хеленски заедници ширум светот.„
Грчкиот Устав не споменува малцинства, зошто сите се Грци. Ќе треба ли да ја избришеме заштитата на македонскиот народ, односно да измислиме дека нема македонско малцинство во соседните земји, зошто ако нема народ, нема ни национално малцинство!?Па нели во член 7, став 2 се вели дека со придавката “македонски“ се означува територијата, јазикот и народот на Втората страна!! Македонците во Грција имаат право , врз основа на индивидуалното, но и колективно право на самоопределување да си го одредат идентитетот како “македонски“, или немаат???
Република Македонија ја потпиша и ратификува Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, а Грција ја потпиша, но не ја ратификува. Македонија ја потпиша Конвенцијата за регионални и малцински јазици, но сеуште не ја ратификувала, иако нејзините уставни и законски решенија се целосно усогласени со неа, па дури се и над нив! Таа содржи јасни одредби за употребата на топонимите , соработката преку границата , меѓудржавната соработка во заштитата на малцинствата (член 11, член 17, член 18).
НОВО-СТАРИ УСТАВНИ КОНТРАДИКЦИИ И ДИЛЕМИ
Свесни ли сме за терминолошката, но и суштинска конфузија на новото име и името Република Македонија употребено во Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, каде нотираме дека Република Македонија е рамноправен правен наследник на СФРЈ со другите републики и дека го превзема членството на СФРЈ во меѓународните организации и заедници (член 3) !!! Да не треба и него да го супституираме со Северна Грција, бришејќи ја, во сталинистички стил, уставната историја!?
Во став 12 на член 1, се предвидува промена на Преамбулата, членот 3 и членот 49 од Уставот!! Како ќе гласаме на референдумот ако не знаеме какви измени договориле, зошто ги нема? Очекувавме, согласно добрите референдумски практики да ги дознаеме сите детали за Преспанскиот договор, вклучувајќи ги и оние за амандманите, ама бомбардирани сме само со пораки за ЕУ и НАТО, кои ги знаеме и нема потреба да ни ги повторуваат однапред, туку кога ќе дојде време за тоа: За НАТО, по поканата, а за ЕУ, по завршувањето на преговорите !! Па има ли поважни од уставните промени, а ние не знаеме што ќе се менува? Зарем не треба да ги дознаме пред да излеземе на референдум? На слепо ли ќе гласаме? Да, што би рекол професорот Френсис Бојл: прашањето Ви е како мачка во вреќа, и ако јас, иако експерт по меѓународно право, не би знаел како да одговорам, како ли ќе знаат граѓаните?? Јас пак, како конституционалист повторно, се прашувам: нели знаат дека е непознат уставен феномен да менувате Преамбула кога не носите нов Устав!! Ке правиме ли правило од преседанпт од 2001, кога ја сменивме Преамбулата, иако не се работеше за нов Устав, пак ли ќе пристапиме кон „корегирање“ и уставен инжењеринг, постмодернистички бришејќи ја или „дотерувајќи“ националната историја?
Ќе менуваме ли два пати исти одредби (член 3 и член 49) на нелегално и нелегитимно барање на друга држава, спротивно на меѓународното и национално право? Зарем не беше уставната промената од 1992, на предлог на Бадинетеровата комисија, на инсистирање на Грција, услов за признавање на Република Македонија од ЕЗ и ставање крај на спорот за името?? Во 1994 година, заменик министерот за надворешни работи , Пангалос, за Ројтерс изјави: “Грција може да преживее и без директно решавање на спорот околу името на соседната Република… Ние ги замоливме да го сменат симболот на нивното знаме и да ги прогласат границите за дефинитивни. … Нема потреба Грција да продолжи да инсистира името Македонија да биде исклучено од името на соседната Република“.
Да потсетам: го цитирав членот 108 од Грчкиот Устав, ама сите устави на нашите соседи содржат одредби за грижа на малциствата во другите држави. Најзаштитнички е Албанскиот Устав. Откако во Преамбулата, во алинеа 5, ќе сеповика на : со векови старата аспирација на Албанскиот народ за национален идентитет и единство, во членот 8 пропишува: (1) Република Албанија ги штити националните права на Алабанскиот народ што живее надвор од границите; (2) Албанија ги штити правата на нејзините граѓани со привремено и постојано живеалиште надвор од границите; (3) Р. Албанија обезбедува помош за Албанците кои живеат и работат надвор заради зачувување и развој на врските со националното културно наследство. Деновиве, албанскиот премиер и министерот за надворешни работи, ги повикаа Албанците во Македонија да излезат на рефрендум и да гласаат „за“? Не е ли ова мешање во внатрешните работи на Република Македонија и вклучување во кампањата на соседна држава, по кој знае кој пат? Ама, политичари од албанската заедница во Република Македонија истакнуваат: „па тој е должен да постапува по Албанскиот устав. Демек, албанскиот устав важи и во Македонија, кога се во прашање Албанците???
МЕНТОР И ЦЕНЗОР
Во член 1, став 13, Спогодбата и дава право на Грција да бара корекција на грешките и пропустите во употребата на името и термините врзани за него во меѓународни, мултилатерални и регионални организации,институции, состаноци, форуми, во нашите билатерални односи, но и односи со трети држави и ентитети … ние правниците знаеме за начелото “pacta sunt servanda“ (договорите треба да се почитуваат). но, не може соседот да ни биде цензор и ментор, а она што досега го правеше Република Грција со привремената референца, но и со нашето уставно име, иако немаше никаков правен основ за тоа, сега да го прави со Република Северна Македонија, додека не се навикнеме, врз основа на Договорот, небаре сме нејзин протекторат!! Цинично звучи формулацијата дека “било која страна може веднаш да побара корекција“ на грешките и пропустите. Ниту една современа држава нема ваква надлежност во однос на друга. Ниту една федерација нема вакво овластување во однос на членките. Ни ЕУ , како sui generis политички систем нема вакво овластување кон членките и покрај дел од суверенитетот пренесен на неа. Што стана со начелото на еднаквост на државите како меѓународни субјекти? Ќе стрепат ли нашите официјални претставници, ама и сите ние, со оглед на државното финансирање, да не “згрешиме “ и да го употребиме, усмено или писмено 74 години старото име на државата Република Македонија ? Ќе вежбаме ли да го избегнуваме? Ќе организираат ли ЕУ и НАТО курсеви за “бриши-пиши“ филозофија , за бришење на македонската меморија, за етногенезата на државата во која сме се родиле, пораснале, па и остареле, креирана и развивана низ историските наративи, образованието, политиката и кулурата, како и во случајот на сите други нации, па и грчката? Ќе се оддучиме ли од наученото и стекнатото со кое се идентификуваме? Ќе ја трошиме ли енергијата на извинување и корекции? Ќе формира ли Грција, во рамките на Министерството за Македонија (претходно, Министерство за Северна Грција), орган за надзор над примената на името Република Македонија и имињата и придавките врзани за него. Да не побарат од нас да формираме Секретаријат за Преспанскиот договор, чие ЦЕЛОСНО спроведување ќе биде еден од специјалните критериуми за влез во НАТО и ЕУ. Да не добиеме потпреседател за Преспански договор ??
СТАРА ОБРСКА- ИСТО ВЕТУВАЊЕ
Член 2
Во став 1 на член 2, Грција ВЕТУВА дека нема да приговара на апликацијата или членството на Втората страна, под името и термините од член 1(3) на Спогодбата, во меѓународните и регионални организации и институции во кои членува. Да потсетам дека иста ваква одредба има во член 11 на Привремената спогодба од 1995, како и дека Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во 2011 година, донесе пресуда дека Грција ја прекршила истата. И? Ништо. За Грција „не важи“ пресудата иако е донесена во контестациона постапка, покрената од Република Македонија заради попречувањето на давањето покана за НАТО. Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг,на прашањето за ефектот на пресудата, потсети дека за НАТО, прашањето е политичко , а не правно и војнички додаде: прво промена на името, па потоа влез во НАТО!? Која е (не) научената лекција? Дека Грција, без последици може да го крши меѓународното право, зошто „ Тукидит“ бил елин!!
REPETIТIO EST MATER STUDIORUM
Во став 2, на член 2, Втората страна превзема обврска да бара прием во меѓународните, мултилатерални и регионални организации под името и термините врзани за него од член 1 (3). Да потсетиме дека Република Македонија, непречено влезе под референцата во огромен број организации, од различен карактер, согласно Привремената спогодба, додека не дојде пред отворената порта на НАТО и не доближи до онаа, на ЕУ. Се разбира, Привремата спогодба не вели дека ветеното непопречување и подршката од страна на Грција не важи само за НАТО и ЕУ. Ова го потврди и Меѓународниот суд на правдата во 2011!! Глуви беа ем Грција, ем НАТО, ем ЕУ. Што ако пак Грција не се придржува до превземените обврски и пресуди? Не сега ќе биде тужител, па ќе го смени односот.
Дикцијата на формулацијаод член 2 како да наметнува обврска за повторно барање на Втората (безимена) страна, (ре)прием, под новото име, во меѓународните, мултилатерални и регионални организации во кои е веќе примена под референцата, небаре изменетото име ја прави нова држава, а не членка на ОН од 1993?
ШОРОКА МАРГИНА НА УСЛОВУВАЊЕ
Во став 3 на член 2, Првата страна, по влегувањето во сила на Договорот , се обврзува на ратификација на било која спогодба на Втората страна во меѓународните организации во кои е член. Се разбира, со оглед на бројните услови од членот 1, но и членовите 3-8, Првата страна има широк маневарски простор за условување на исполнувањето на оваа обврска.
УСЛОВЕНА ПОДРШКА НА ЕВРОИНТЕГРАЦИСКИОТ ПАТ
Во став 4 на член 2, се конкретизира процесот на интеграција на Втората страна во ЕУ и НАТО:
Под а)се констатира дека Втората страна ќе бара прием и членство во ЕУ и НАТО под името од член 1 на оваа Спогодба.
Под б), се нотира дека по добиеното извесување за ратификација на спогодбата од страна на Собранието на Втората страна, Првата ќе го информира Претседателот на Советот на ЕУ дека го подржува почетокот на преговори за членство на Втората страна, под името од член 1 на Спогодбата. Исто така, Првата страна ќе го извести Генералниот секретар на НАТО дека се согласува со давање условена подршка, што ќе се активира при позитивен исходот од референдумот(ако Втората страна го организира), како и со усвојување на амандмани на Уставот, со ратификација на Протоколот за пристапување на Втората страна во НАТО. Оваа ратификација ќе се изврши заедно со ратификацијата на Договорот. Очигледно е дека Втората страна е во Прокрустова постела, зошто на ниту еден референдум не се знае резултатот однапред, ама овој референдум мора да биде успешен за да дојде до ратификација!! Ај, што се бара диригирана репрезентативна демократија, со партиски дисциплинирани пратеници- војници, туку и народот сакаат да го дисциплинираат,а ако не успеат во тоа, ќе го заобиколат и сами ќе решаваат, заборавајќи дека суверенитетот им извира од него, а тој се борел за држава и име на Првиот (1903), се изборил на Вториот (1944), ги потврдил на Третиот Илинден(1991), кога на референдумското прашање: Дали сте за суверена и самостојна држава Република Македонија, со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија , од 1 495 807 граѓани, запишани во Избирачкиот список, на гласање излегле 1.132.981 или 75 , 74 % од електоратот. “За“ гласале 1. 079.308 гласачи, или 72,16% од електоратот, или 95,26% од излезените. 13.648 ливчиња, односно 0,91% биле неважечки.
Се поставува логично правно прашање: Што ако не биде ратификувана Спогодбата во Грчкиот парламент? Очигледно е дека во оваа спогодба нема одредба за нулификација на стореното од Република Македонија, во таков случај. Или, што ако се организира рефрендум и во Грција и тој не успее? Дури и ставот (3) на член 20, го врзува влегувањето во сила на Договорот за датумот на прием на последното известување од односната страна!!
НЕ Е ПРОБЛЕМОТ ВО УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ТУКУ ВО ГРЧКАТА СОВЕСТ! ПОТРЕБНО Е ИЗВИНУВАЊЕ!
ЧЛЕН 3
Со став 1 на член 3, се потврдува трајноста на границата меѓу договорните страни, се декларира отсуство на територијални претензии една кон друга како и гаранција за нивно неподржување од трета страна. Република Македонија веќе еднаш го дополни членот 3 на Уставот, на инсистирање на Грција и предлог на Бадентеровата комисија, само една година по донесувањето на Уставот, односно во 1992 година. Амандманот I гласи: 1. Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави; 2. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општоприфатените меѓународни норми.
Од формирањето на Република Македонија до денес, никогаш не сме манифестирале територијални претензии кон Грција. Цитирањето на фамозната изјава, дадена на еден од конгресите на ВМРО- ДПМНЕ дека”следниот конгрес ќе се држи во Солун“, е момент на националистички фолклор. Но, од денешна перспектива, таа не може да има врска со територијални претензии, зошто историски непобитен факт е дека “ВМРО“ е формирано во Солун, па во услови на добрососедски односи, држењето конгрес таму, би било симболичен чин! Како инаку да се толкува славењето на 100 годишнината од формирањето на Албанската држава во Скопје, или прославата на “Денот на Албанската азбука“ во Битола: како иредентизам? Или, зарем српски иредентизам беше прославата на Кумановската битка на наша територија ? Ама,ние не можеме да го прославуваме АСНОМ во манастирот Прохор Пчински,па измислуваме локации, како Пелинце, а дури и дарувањето книги во Пустец од една политочка партија , што навистина е запустен во секој поглед, наиде на остра реакција од албанските власти!!
Инаку, во една симетричен договор, правно логично би било она што уставно го гарантиравме ние, да го гарантира и Грција, зошто нема поиредентистички повик од оној: Македонија е грчка!! Членот 27 од Уставот на Грција гласи: Промената на границата на земјата може да се изврши само со закон донесен со апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници во Парламентот!! Споредено со одредбите од член 3 на македонскиот Устав, во кој е утврдено дека: “Постојната граница на Република Македонија е неповределива ( став 2) и дека: Границата на Република Македонија може да се менува само во согалсност со Уставот ( став 3), дополнета со амандманот I, но и во светлината на член 74 од Уставот, според кој: „Собранието доенсува одлука за менување на границата на Република Македонија со 2/3 мнозинство гласови од вкупниот број пратеници( став 1), која што е усвоена на референдум, доколку за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи“, е далеку посилна гаранција од грчката. Ама, грчката тежи повеќе, зошто Грција има славно минатото и две имиња.
Од каде грчкиот страв од „иредентизам“? Од исторската меморија за анексијата на Егејска Македонија, со доминантно македонско население кон грчката држава во 1913година!! Од историскиот факт дека на АСНОМ имало претставници од Егејска и од Пиринска Македонија, од сознанието дека во документите на АСНОМ им се оддава благодарност за учеството во антифашистичката борба на Македонците од Бугарија и Грција, како и на Македонската емиграција во Бугарија и се повикува на бришење на искуствените граници на разединетиот брат од брата.
Но, тоа е документирано минато, а не сегашност или иднина. Македонското малцинство во Грција, многу пати идентификувано од овластени меѓународни организации и претставници, заслужува гаранција на малцинските права, согласно релевантните европски документи. Македонците во Грција, Бугарија и Албанија се лојални државјани и граѓани на овие земји, Европјани, кои своите малцински права се обидуваат да ги реализираат преку своите културни здруженија, но и преку политичките партии!! Македонија, ниту се мешала, ниту може да се меша во внатрешните работи на овие држави ( малиот Давид), за разлика од нивните влади, кои постојано се мешаат во внатрешните работи на Република Македонија! Па, тие среде Македонија, праќаат пораки за референдумот, за уставните промени, па дури предлагаат и други уставни промени, во духот на carpe diem!
Факт е дека Грција не се задоволува со било која гаранција, без оглед на нејзината силина, зошто проблемот е во неа, односно во непризнавањето на реалното постоење на македонското малцинство, кое е домородно и има право на себеперецепција и респект на истата.
КОЈ ВО ЧИИ ВНАТРЕШНИ РАБОТИ СЕ МЕША?
Ставот 2 на членот 3,со кој страните се обрзуваат на меѓусебно почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност, е меѓународна норма, вградена, како во Уставот на Република Македонија (член 8, алинеа 11) и член 118, така и во Уставот на Република Грција (член 2, став 2 на член 28), па нема потреба од повторување. Но, Грција, со толерирање на ОН, ЕУ и НАТО, со принудувањето на Република Македонија за преговори за името, историјата, културниот идентитет, уставниот и политичкиот систем, ГИ КРШИ овие меѓународни гаранции, иако се ius cogens, со мешање и ограничување на суверенитетот на Република Македонија, негирање на нејзиното суверено право на СВОЈ Устав и свој модел на политички и правен систем!!
ЛАРПУРЛАРТИЗАМ
Ставот 3 на членот 3, во кој се договара, во рамките на ОН, воздржување од закани и употреба на сила, вклучувајќи ја и онаа насочена кон промена на меѓусебната граница е “уште едно од многуте повторувања на меѓународните норми. Но, Република Македонија многу пати била мета на закани од различен тип од страна на Грција(економско ембарго, затворање на границата, воените вежби и трупањето војска на границите, повреди на македонскиот воздушен простор, недозволување прелет на авион во кој се наоѓаше претседателот на Република Македонија, а да не говорам за навредливите и бизарните пораки на војниците на грчката војска кон Македонците и Албанците дека „од нивната кожа ќе прават облека!! .
ЛОГИКАТА НА “СОМНИТЕЛНО ЛИЦЕ“
Ставот 4 на член 3 бара од страните да не превземаат, поттикнуваат или подржуваат и/или толерираат дејности или активности од непријателски карактер против другата страна, како и гаранција дека нема да дозволат нивната територија да се користи од трета страна(организации, групи, поедници) за субверзивни и сецесионистички активности, заканувачки за мирот , стабилноста или безбедноста на другата страна и ќе ја информираат другата за истите!! Сакам да верувам дека членот има врска со светската нестабилност и со теророристичлите закани, ама се плашам дека има параноична нота, во услови на европски амбиент, заборава на меѓународното (па и она за правата на малцинствата), но и на националното право на обете земји, на официјалното членство во НАТО на првата, но и de facto членството на Втората, на членството на првата во ЕУ и кандидатскиот статус на Втората , досегашната соработка на Грција и Македонија во прашања врзани за регионалниот мир и безбедност!! Но, се разбира, добро е што се декларира взаемна спремност за соработка во регион што е “на линијата на огнот, односно во којшто се вкрстуваат геостратешките интереси на големите сили, низ кој помина и ќе минуваат реки од бегалци, кој е транзитна рута на трговијата со луѓе, дрога, деца, во кој цветаат криминалот и корупцијата……
НЕМАЊЕТО ТЕРИТОРИЈАЛНИ ПРЕТЕНЗИИ Е УСТВНА ГАРАНЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА, АМА ПОПУСТО.
ЧЛЕН 4
Во став 1 на член 4, по кој знае кој пат (иако е во множина, важи во еднина, односно само за Втората страна) се нотира дека важечкиот устав (изменетиот), не може да се толкува како основа за претензија кон постоечките граници !! Непознат правен феномен е, во билатерален Договор да се интерпретира Уставот на друга држава. Во Грчкиот Устав, зад многу членови има интерпретација, ама непознат уставен феномен е по втор пат (првиот во 1992), како и по експертската интерпретација на Бадентеровата комисија и Судот на правдата во Хаг, дека : “со ништо Уставот, но и политичките активности на Република Македонија не биле закана за територијата на Грција“ пак да се гарантира веќе гарантираното!! Но, како што во 1992 година и покрај уставните измени Грција „не се чувстуваше“ безбедна, така и сега!!
СРЕЌНА НОВА 1984
Во став 2 на член 4, страните се обрзуваат да не даваат ниту одобруваат иредентистички изјави од оние кои тврдат дека дејствуваат во име или во интерес на страните!! Смешно. Орвелијанска одредба што манифесира авторитарни и тоталитарни тенденции, закана за основните слободи и права: слободата на мислата и нејзиното изразување, слободата на здружување, слободата на протест, слободата на научната критичка мисла и творештво …. Зарем Првата и втората страна треба да формираат заедничко-министерство за следење и одобрување на изјавите врзани за меѓусебните односи? Зарем ова не е повик за цензура и воведување вербален деликт? Уште еден доказ за фрагилноста на демократијата во обете земји, за конзулски и цезаристички профил на лидерите, за националистички фрустрации, за безпричински политички страв….
СВЕЧЕНО ГАРАНТИРАЊЕ ДЕКА УСТАВНИТЕ ГАРАНЦИИ ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ГАРАНТИРАНИ!
Во став 3 на член 4, „страните“ се обврзуваат и свечено (не ми е јасно зошто свечено!) изјавуваат дека ниту една одредба од уставот (се разбира, само на македонскиот, зошто грчкиот устав е “совршен“) нема да биде основа за мешање во внатрешните работи на друга земја, вклучително и заради “заштита на статусот и правата на било кои лица кои не се нејзини граѓани. Се разбира, изразот е еуфемистички и се мисли на македонското малцинство!! Иако сите балкански држави, вклучувајќи ја и Грција се мултиетнички и мултиконфесионални, само Република Македонија се квалификува како мултикултурна, а сите други се “хомогени“. Оваа гаранција е иста како онаа од Спогодбата со Бугарија за добрососедски односи. Грција, но и другите соседи се мешаат во нашите внатрешни работи, истовремено барајќи Македонија да го гарантира немешањето, иако тоа го гарантира на уставно ниво. Па, веќе напоменав дека ние го сменивме членот 49 од Уставот и гарантиравме немешање, но крајно време е Грција да ги препрочита извештаите на Helsinki Watch, на комесарот за малцинства на ОН… на сопствениот Хелсиншки комитет… како и пресудата на Судот од Стразбург за “Вино жито“!! Редно е Грција, како членка на Советот на Европа и ЕУ да ја ратификува Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинства, како и да ја потпише Конвенцијата за регионални и малцински јазици. Последново важи и за Македонија, која ја има потпишано Конвенцијата за регионални и малцински јазици, но ја нема ратификувано од многу чудни причини.
ДОСТА СО НАБРОЈУВАЊЕ, ВРЕМЕ Е ЗА ПОЧИТУВАЊЕ НА КОНВЕНЦИИТЕ
ЧЛЕН 5
Став 1 на членот 5 е декларативно превеземање/набројување одредби од некој друг документ/договор и бирократско, механичко, досадно, протоколарно повикување на демократијата, фундаментални слободи , почитување на човекови права и достоинство, на владеење на правото, на Универзалната декларација и десетина други конвенции, иако сите тие се прекршени, не само од Грција, туку и од ООН, Европската унија и НАТО во т.н “спор за името“, всушност “неприроден, вештачки констуиран политички спор.
ОН И ГРЦИЈА ЈА КРШАТ ПОВЕЛБАТА
Ставот 2 на член 5 потенцира дека ниту една страна нема да превзема дејствија спротивни на целите и начелата на Повелбата иЗавршниот документ од Хелсинки, вклучително и спротивно на начелото на територијален интегритет на државите!! Која е логиката да повикувате на Повелбата, ако оние што треба да ја бранат ја прекршиле. Кога е Хелсиншкиот документ во прашање, Македонија му даде дополнителна уставна гаранција, но продолжува барањето за нова, се разбира, само од неа, небаре сама не верува во тоа, или дала повод за поинакво толкување. Така, ние добивме The Changing Constitution, со наметнати промени од неовластен субјект: друга држава! Декларацијата за самостојна и суверена Република Македонија од 1990 се повикува и темели на Меѓународниот пат за граѓански и политички права на ООН од 1966 година, односно на правото на самопределување. Со амандманот LXXIV од 1990 се уредува постапката за остварување на правото на македонскиот народ на самоопределување!!
СТАЛИНИСТИЧКИ ДУХ ВО ЕВРОПСКО ТЕЛО
ЧЛЕН 6
Во став 1 на член 6, ПОВТОРНО, се инсистира на делотворни мерки за забрана на непријателски активности, дејствија, пропаганда од државни органи или органи под директна или индиректна контрола на двете држави и спречување на дејствија кои веројатно би потикнале шовинизам, непријателство, иредентизам, ревизионизам против другата страна, а ако се појават истите, ќе се превземат сите потребни мерки!! Овој став има сталинистичко- комунистички дух на недоверба,заговара полициска држава, претставува закана за слободите и правата на човекот и граѓанинот, полн е со реторика, специфична за недемократски авторитарни режими,несоодветна и навредлива за односи меѓу членка на ЕУ и кандидатка за ЕУ!! Зарем не си веруваат обете земји во правниот систем и делотворноста на институциите во превенцијата и санкционирањето на гореизразените стравови!!Каде е улогата на културната дипломатија??? Зошто е делот за стратешкото партнерство: за декор?
ОПАСНОСТ ОД ПОЛИЦИСКА ДРЖАВА ?
Став 2 на Член 6 наместо да се повика на владееење на правото, на уставност и законитост, во стилот на “Балкански шпион“ и “Сомнително лице“, бара да се обесхрабрат и спречат приватните ентитети кои ВЕРОЈАТНО би потикнале насилство, омраза или непријателство кон другата страна, инсистирајќи на итно превеземање на неопходни мерки. ваквата терминологија, обоена со недоверба кон граѓаните имплицира загроза за човековите слободи и права, дискреционо постапување, контрола и упад во приватниот живот, претпоставка на вина, опасност по презумцијата на невисност!! ни Питија не ми можела да предвиди што е „веројатно“ опасно…
Став 3 на член 6 бара спречување и обесхрабрување на горенаведените дејства, вклучувајќи ја и пропагандата од приватни ентитети како и други дејства кои што веројатно би потикнале шовинизам, непријателство, иредентизам и ревизионизам кон другата страна!! Неверојатно е дека одредби од ваков тип постојано се повторуваат, што зборува за ужасна меѓусебна недоверба на грчките и македонските политичари, што е навреда за граѓаните во обете држави, од една страна, но и недоверба во демократијата и граѓаните како нејзин извор. Пристапот е сталинистички и вознемирувачки, неевропски.
СЕКОЈ ИМА ПРАВО ПО СВОЕ ДА ДА ГИ РАЗБИРА “МАКЕДОНИЈА“ И “МАКЕДОНСКИ“
ЧЛЕН 7
Став 1 на член 7има чудна, невообичаена, па и невозможнацел да го разграничи значењето и разбирањето на поимите “„Македонија“ и „македонски“ за Првата и Втората страна, низ призма на различниот историски контекст и културно наследство. Непобитен факт е дека Република Грција и Република Македонија имаат ем заеднички историски моменти, ем, заедничко културно наследство. Во оваа смисла, поучен е италијанскиот пример на Francesco Mеssineo, кој пишуваза спорот меѓу Грција и Македонија: “Во Рим, вели тој, на едната страна од Via dei Fori Imperiali … наидуваме на картите за ширењето на Римската империја, откриени за време на Мусолиниевата диктатура. Круцијална е фазата на Трајан, кога Римската империја беше најголема ( во 1 –от и 2-от век н.е.) Во 1933 година, пораката беше јасна: Италија се повикуваше на ова културно наследство, небаре не се случила 476 год. н.е. За држава , одвај стара 70 години ова беше лудо барање, но голема болка предизвика во многу територии, вклучувајќи го и Балканотсо својата националистичка идеологија. …. Географските карти од дамнешните времиња не се добра идеја, без огледод кого доаѓаат. Старите карти на изгубените империи се однесуваат и на деноминирачкиот конфликт меѓу Хеленската република и Македонија .
Веројатно во историјата на меѓународното право се нема случено со политички договор меѓу две држави да се утврди значењето на термини за историјата, културата, идентитетот и јазикот, дури и во рамките на секоја држава, а камоли за соседи. Секој народ е творец на својата историја и култура и има право на свој начин да ги перцепира и интерпретира „по свое“. Впрочем, името и придавките врзани за него се инхерентен елемент на правниот субјективитет на државите како рамноправни меѓународни субјекти, зошто правото на самоопределување, ги вклучува во себе, како непотрошно и непресушно. Впрочем, не попусто зборуваме за Обединети нации, а не за Обединети држави. Имињата на државите, регионите, градовите, реките, односно топонимите, оронимите … не се плод на договор, туку се историска креација, а како такви се инертни и отпорни на промени. Незамисливо е да се забрани нивната употреба, или политички да се договори, со оглед на природата на настанувањето и развојот.
Република Грција и Република Македонија имаат право како сакаат да си ги толкуваат термините „Македонија“ и “македонски“во рамките на својот историски и културен контекст, ама ниту Грција на Македонија, ниту Македонија на Грција има право да и каже како да ги нарекува своите региони, што да подразбира под Централна, Западна или Источна Македонија или под „Македонија“ или “македонски“. За историја и за култура не се преговара. Различниот историски и културен концепт наметнува различна перцепција. Веќе го цитирав проф. Крафордод Кембиџ и неговата дискусија за ова прашање.
ГРЦИЈА САМА „СИ ГО ОДРЕДИЛА“ ЗНАЧЕЊЕТО НА “МАКЕДОНИЈА“ И “МАКЕДОНСКИ“
Во став 2 на член 7, се вели дека “Македонија “ и “македонски“ ја означуваат не само областа и НАРОДОТ во северниот регион на Првата страна, туку и нивните карактеристики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследство на тој регион од антиката до денес. Искрено, ова е не само неточна, туку и смешна перцепција. Долга е листата на научни аргументи дека антиката не е само грчка. Ни Античка Македонија не е грчка. Антиката не е ексклузивно грчко културно наследство, туку заедничка цивилизациска придобивка. Колку градови, реки, населби и планини во Република Македонија, или во Јужна Бугарија, или во Албанија, имаат антички имиња и полни се со антички артефакти? Во Грција има грчки народ како етнос, но и како демос, а дел од него е и македонското малцинство. Топонимите во Северна Грција до 1925 година биле словенски, а промената е извршена со декрет. Грција добива дел од Македонија во 1913 година, по Букурешкиот мировен договор. Зарем сагата на Македонците од Егејска Македонија не е дел од нашата меморија и идентитет? За кого бил Абецедарот? Што да правиме со нашите дедовци, па и родители родени во Егејска Македонија! Ако во Грција до 1987 ништо не беше Македонија и македонски, како терминот „Македонија“и “македонски“ има непрекинат историски континуитет? Antonis Liakos пишува: „И покрај нејзиното античко име и себепрезентацијата, модерна Грција не е стара нација. Грчката национална држава се роди како резултат на сепаратистичката војна , којашто во втората декада на 19 век се откина од Отоманската империја. Новите територии беа анектирани во 19 век( 1864: Јонските острови; 1881: Тесалија и дел од Епир; 1912- 13: дел од Македонија, остатокот на Епир, Северно и Источно Егејски острови и Крит; 1949: …. Како нација, или “културна нација“ според традиционалната поделба меѓу Западно-европските и Источно-европските нации, Грција беше резултат на големата промена на културната идентификација од 18 век и се консолидира во 19 век.
НЕ СЕ УТВРДУВА ИСТОРИЈА И ИДЕНТИТЕТ СО ДОГОВОР
Во став 3 на член 7 се вели дека во однос на Втората страна, терминот „Македонија“ и „македонски“ ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со сопствена историја, култура и наследство кои се особено различни од оние од став 2!? Чудна перцепција. Зарем античките градови низ Македонија и бројните антички артефакти не се дел од нашата историја и култура, како што се Софија и Родопите и бројните други антички имиња и артефакти дел од Бугарската историја и култура, ама и дел од заедничкото античко културно наследство. Зарем ние со Договорот ја крстиме државата, територијата и народот? Еве што рече нашиот претставник во процесот против Грција заради кршење на Привремената спогодба: „Македонскиот идентитет не е прашање на избор, туку историјата го наметнала. Иако не е предемт пре довој суд, клучната разлика меѓу нас е во името со сиот негов импакт врз нашата национална припадност (авторот го употребува изразот „nationality“), нашиот јазик и идентитет…. Заради опструкцијата на тужениот, ние доцневме на патот кон признавањето и често правевме компромиси заради стабилноста во регионот… За нас, името е резултат на историски процес: родени како Македонци, зборувајќи македонски, ние немаме алтернативен идентитет за избор.
ДЕНАЦИОНАЛИЗАЦИЈА
Во ставот 3 на член 7, нашата власт ги наоѓа гаранциите за идентитеот на македонскиот народ. Но, има ли на Балканот, кој во етничка смисла наликува на леопардова кожа, нација што нема малцинство во некоја од соседните држави? Дали нашата и грчката историја и култура не се испреплетени во определени периоди? Зарем со Договор, како со нож може да се разграничат? Ако терминот „македонски“ е одлика на македонскиот народ не само како етнос, туку и демос, зошто тогаш се брише придавката пред националните институции, па нема : МАНУ; Македонски театар, Македонска телевизија, Македонско радио, Македонски балет, како што има во Грција или во било која друга држава? Да, точно е дека тие се државни, но и национални институции, зошто државата не создава наука, уметност,култура, туку нацијата како демос. Згора, во Македонија има Албански и Турски театар , на пример, АЛСАТ. Како е можно да нема „македонска“, ако има: македонски народ!
ПОЛИТИЧАРИ – “ЛИНГВИСТИ„
Во став 4, на член 7, се нотира дека Втората страна нотира/изјавува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот, спаѓа во групата јужнословенски јазици. Двете страни изјавуваат дека официјалниот јазик на втората страна и останатите нејзини карактеристики не се поврзани со античката цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна!! Смешно. Зарем со изјава на потписникот се определува на која јазична група и припаѓа македонскиот јазик? Науката го определила тоа. Дали со Договор се определиле карактерот на грчкиот, бугарскиот, српскиот, хрватскиот, словенечкиот, бошњачкиот или црногорскиот јазик?
ОПАСНОСТ ОД ЦЕНЗУРА И САМОЦЕНЗУРА, ОПАСНОСТ ОД ВРАЌАЊЕ НА ВЕРБАЛНИОТ ДЕЛИКТ
Во став 5 се вели дека ниту една одредба од Договорот нема за цел да ја поткопа, измени или влијае на употребата на термините од граѓаните на двете страни!! Да, но со претходните членови постои опасност од самоцензура и цензура на граѓаните од Првата страна, при употребата на термините „Македонија“ и “македонски“.
МАКЕДОНСКИОТ НАРОД КАКО ЈАЗОВЕЦ ПРЕД СУД
ЧЛЕН 8
Став 1 на член 8и овозможува на страната што мисли дека другата употребува симболи што се дел од нејзиното историско или културно наследство, ќе и укаже и побара корекција, а другата ќе превземе дејствија за справување со проблемот ви насока на почитување на наследството. Овој став не води сметка дека изборот на симболите е право на секој народ , согласно правото на самоопределување . Никој нема апсолутно право на употреба на определени симболи. Ова важи и за името, знамето, грбот, идентитетот. Има многу држави со крст на знамето како симбол, со орли, со лавови, па никому ништо. Го дадов примерот со химната на Полска, која што почнува со зборовите: О. Латвијо… па никому ништо. Право на самостоен избор. Никому не му паѓа на ум да оспорува, поставува услови, укажува, наредува корекција, освен на Грција.
ЗАРОБЕНА АНТИКА. ОД КОГА “СКОПЈЕ 2014“ СТАНА ХЕЛЕНСКО НАСЛЕДСТВО?
Во став 2 на член 8 се бара во период од 6 месеци Втората страна да го преиспита статусот на спомениците , јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и ако тие на било кој начин упатуваат на античката хеленска историја (не е точно дека целата античка историја е само хеленска) и цивилизација, Втората страна ќе направи соодветна корекција за да обезбеди респект кон грчкото културно наследство и историја. Парадоксално. Ниту антиката е само хеленска, ниту Античка Македонија е хеленска, велат врвни историчари. Антика има и во Република Македонија, но и во повеќе други земји и тие, согласно стандардите на УНЕСКО треба да се грижат за артефактите. Но, не само во земјите со античко културно наследство, туку и во оние во кои нема никаков траг од антиката, како САД, на пример, има многу градби во класичен или неокласичен стил. На уметниците и архитектите ширум светот, па и во Македонија никој не може да им забрани да градат објекти и прават споменици во каков сакаат стил, па и во (нео)класичен. Грција не е “единствен“сопственик на античкото наследство, а антиката е цивилизациска придобивка. Разните градби и скулптури се авторски дела, интелектуална сопственост и никој нема обврска на авторски труд да означи дека истиот упатува на хеленската култура. А, од каде државениот орган знае на што упатува? Можеби е пародија? Немам респект ни сентимент кон градбите од „Скопје 2014“, мислам дека ги влошија односите со Грција, беа во кронистички дух, но не мислам дека рушењето или дислоцирањето е добро решение. Подобро е да бидат „неми“ сведоци за еден модел на владеење. Бесмислено е да се преиспитува статусот на “споменици“ , згради и инфраструктура, што “упатувале“ на „културното наследство на грција“!! Веќе реков и ние поседуваме дел од античко културно наследство, за кое, за жал, недоволно се грижиме. Грција, заради тоа што се вика Хеленска Република нема апсолутно право на антиката, а камоли на различни современи градби со сомнителна уметничка вредност и забележителна туристичка и комерцијална!
ГО СМЕНИВМЕ ЗНАМЕТО, ИАКО НЕ МОРАВМЕ, АМА ДОСТА БЕШЕ!
Ставот 3 на член 8 , бара отстранување на знамето од Кутлеш/ Вергина од сите јавни места и од јавна употреба . Грчкото државно знаме не е со шеснаесеткрако сонце, туку со крст, каков што има на многу државни знамиња, но никој не гледа проблем. Ние, заради bona fide, го сменивме државното име, иако не моравме согласно меѓународното право. Овој артефакт го има во многу цркви низ Македонија. Никој не може да им нареди на граѓаните какво знаме ќе веат дома и на јавни места. Се разбира, државните и јавни институции имаат обрска да го истакнуваат државното знаме.
ОН ПРЕПОРАЧУВА, НО НЕ НАРЕДУВА. ГРЦИЈА НАРЕДУВА, НЕ ПРЕПОРАЧУВА!
Став 4 на член 8, се повикува на препораките на Конференцијата на ОН за стандардизација на географските имиња во однос на официјалните имиња и топоними на територијата на другата страна, повикувајќи на предност на користење на ендонимите, наместо егзонимите!! Секоја држава си одлучува како ќе се однесува кон препораките за стандардизација. Тие навистина повикуваат на предност на ендонимите (официјалните имиња) во однос на ендонимите (странско име за некој топоним), но потенцираат дека има различни ситуации, меѓу кои и оние кога се работи за имиња што се историски втемелени и врзани за определена популација, па егзонимот е вредно културно наследство. Таков беше случајот со Пустец во Алабанија, чие име беше сменето, па вратено. Се потенцира дека стандардизацијата не смее да води кон одбивање на различноста. Вообичаена пракса е покрај егзонимот, во заграда да стои и ендонимот. Но, во релацијата „ендоним-егзоним“, во случајот на нашиот однос кон имињата во Северна Грција мора да се гледа низ историска призма и низ очите на македонското малцинство во Грција. Имено, историски документирано е дека до 1925 година, топонимите во Северна Грција биле на славомакедонски јазик, со оглед на диминантното славомакедонско население. Промената е направена со декрет. Значи, не зборуваме за нашето именување на Атина, туку на историски имиња, што биле сменети со еден потег на перото! Во случајов, мора да се води сметка за член 11, став 3 од Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, каде им се препорачува на потписничките да водат сметка за специфичните услови, односно да ги задржат и локалните традиционални имињана малцинскиот јазик. Значи, да се преферираат ендонимите не е меѓународна обрска. Според тоа, ние може да напишеме Tessaloniki, покрај Солун, но грчките власти, покрај официјалните имиња( ендоними) би требало да ги пишуваат топонимите и на македонски јазик, како јазик на малцинството.
ЗАКАНА ЗА СЛОБОДАТА НА МИСЛАТА, ТВОРЕШТВОТО, НАУКАТА, АВТОНОМИЈАТА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ
Став 5 на член 8 предвидува,во рок од еден месец од потпишувањето на оваа Спогодба, да се формира Заеднички интердисциплинарен комитет на експерти за исторски, археолошки и образовни настани, кој што ќе го разгледува научното толкување на исторските настани, засновано на автентични, научно историски извори и археолошки наоди. Министерствата за надворешни работи на двете страни ќе ја надгледуваат работата на Комитетот. Комитетот може да изврши ревизија на учебници и помошни наставни материјали, атласи, во согласност со начелата и целите на УНЕСКО и Советот на Европа, за да се оневозможат/отстранат иредентистичките /ревизонистичките наводи. Овој Комитет ќе ги проучи и новите изданија на учебници. Комитетот ќе се состанува најмалку 2 пати годишно и ќе поднесува препораки. Ваква контрола нема ни над членките на некоја федерација, или конфедерација. Каков е тој ренесансен Комитет, под капата на министерствата за надворешни работи?? На експертските тела ( комитет, типично англо-саксонски изра ) не им место во државните органи, заради опасност од политизација, партизација, инструментализација. Експертските тела препорачуваат, а не наредуваат, како ова. Нели се боревме за автономија на Универзитетот и научната мисла? Имам разбирање за соработка на универзитетите , или академиите, односно за формирање различни експертски тела од различни области, што ќе се обидат да укажат на содржини, материјали , карти и сл. со спорна или навредлива содржина, со говор на омраза, со погрешни наводи и сл. Ама, оневозможување иредентизам/ревизионизам звучи комунистички, ненаучно, тенденциозно, сталинистички!! Небаре „Ревизор“ од Гогољ!! Не може да ја ревидираме о дотеруваме историјата под притисок или договор, ниту да ја ограничуваме слободата на научната мисла. Автономијата на Универзитетот ја подразбира и автомијата на мислата, истражувањето и творештвото. Вака замислената работа крие опасност од мешање во внатрешните работи на послабата страна, од бирократски притисок.
НЕ СЕ ГРАДАТ ДОБРОСОСЕДСКИ ОДНОСИ СО УСЛОВИ, ЗАКАНИ, ТУКУ СО ВЗАЕМЕН РЕСПЕКТ И СОРАБОТКА
Став 6 на член 8 вели дека страните ги прифаќаат „взаемно прифатените“ решенија кои ќе придонеле кон конечно воспоставување мирољубиви и добрососедски односи, во согласност со Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност, небаре во војна сме биле! На самиот почеток од анализата, напоменав дека оваа Спогодба излегува надвор од резолуциите!!
ДЕЛ 2
ПРЕДИЗВИК ЗА ДРУГИ ДОГОВОРИ
Вториот дел од Договорот се однесува на соработка во различни сфери и служи како основ/алиби за потпишување на Договорот, наместо од претседателот на државата, од министерот за надворешни работи.
Веќе кажав дека на ово дел не му е местото во овој Договор, туку треба да биде предмет на Посебе, односно посебни договори, во зависност од областа.
Членот 9, став 1 и 2 е обично набројување на области и нема никаква стратешка рамка и цел!! Се споменува Акциски план, а нема ниту збор за него.
КОНЕЧНО
Членот 10 предвидува подигање на постоечките кацеларии за врски во главните градови на обете земји на ниво на амбасади, како и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Битола на ниво на Генерален конзулат и на Канцеларијата за конзуларни, економски и трговски работи во Солун на ниво на Генерален конзулат. Одличен чекор.
НА ДЕЛО
Следат одредби за : Дипломатски односи, Соработка во контекст на меѓународни и регионални организации, Политичка и општествена соработка, Економска соработка, Соработка во образованието, науката, културата, истражувањето, технологијата, здравството, спортот, полицијата и цивилната заштита, одбраната, договорните односи.
Воспоставувањето соработка во различни области е од взаемен интерес за обете страни и преку нив може да се надмине недовербата и изгради доверба, но win- loose концептот на овој Договор е далеку од соодветна рамка за взаемен респект и добрососедски односи во !!
ДЕЛ 3
РЕШАВАЊЕ НА СПОРОВИ
ПОВИКУВАЊЕ НА ПОВЕЛБАТА СРЕДЕ НЕЈЗИНОТО КРШЕЊЕ
Во став 1 на член 19 страните се согласни на мирно решавање на споровите, согласно Повелбата на ОН. Цинично звучи повикот на Повелбата која, беше грубо прекршена при приемот на Република Македонија во членство.
ПРОТЕКТОРАТ?
Во став 2. се уредува постапката во случај на непочитување на Договорот: од взаемното информирање за дејстување спротивно на одредбите, преку барање решение со преговори, до барање помош на Генералниот секретар на ОН.
ГРЦИЈА НА ЈА ПРИЗНА ПРЕСУДАТА КОГА ЈА ПРЕКРШИ ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА, АМА СЕГА КОГА ИМА САМО ПРАВА, А НИЕ ОБРСКИ, ПОСТОЈАНО ЌЕ НЕ ТУЖИ
Во став 3 се утврдува дека во случај на спор околу толкувањето испроведувањето, може да се поведе постапка пред Меѓународниот суд на правдата, доколку страните не го решат спорот сами , во рок од 6 месеци.
Каквов цинизам. Грција го изгуби спорот во Хаг, но не ја спроведе пресудата, а сега повторно се согласува за негова надлежност во случај на спор. Зошто? Како надредена страна, страна која наредува, а Северна Македонија извршува.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 20
НЕНАДЛЕЖЕН ПОТПИСНИК
Во став 1е предвидено дека Договорот ќе го потпишат министрите за надворешни работи, иако во двете земји, примат во склучувањето меѓуанрдни договори имаат претседателите. Се разбира, решението е намерно, за да се избегне Претседателот Иванов.
НИЕ СМЕ ДОЛЖНИ ДА ГО РАТИФИКУВАМЕ, АМА ГРЦИЈА – АКО САКА!
Во став 2 се упатува на ратификација, во согласност со постапката од член 1, став 4, наместо да се упати на националното право. Зошто? Заради брзината… И ратификацијата е асиметрична, зошто откако ние, не само што ќе го ратификуваме,а, ако власта сака и ќе спроведеме референдум, па промена на уставот, тогаш, ex post следи ратификација на Договорот од Грчкиот парламент. Веќе кажав дека нема одредба за тоа што ќе се случи ако не биде ратификувана!!
БИЛАТЕРАЛЕН ДОГОВОР КАКО “УСТАВНА ПОВЕЛБА“??
Во став 3 на член 20 се обрзува Втората страна да ја информира првата за завршените задачи. Се вели дека Договорот влегува во сила на датумот на известување од односната сила!! Непознат правен феномен е известувањето да биде основ за стапување во сила. Во обете земји има обврска за објавување на законот за ратификација, за vacatio legis, ама овој договор, очигледно не е пишуван во духот на континенталното европско право…
САМО УСТАВОТ ВЛЕГУВА ВО СИЛА ВЕДНАШ ПО ИЗГЛАСУВАЊЕТО, АМА ОВАА ОДРЕДБА И ПРЕД ВЛЕГУВАЊЕТО ВО СИЛА НА ДОГОВОРОТ!??
Во ставот 4 на член 20, се утврдува дека и пред влегувањето во сила на ДОГОВОРОТ, привремено ќе се применува став 5 од член 8 за формирање „Заеднички интредисциплинарен комитет за проверка и ревизија на учебниците“!! Како е можно еден член од Договорот да се екстрахира од него и да влезе во сила и пред влегувањето во сила на Договорот, ама : ако не влезе во сила целиот Договор, или некоја негова одредба , тогаш, ни оваа одредба нема да ги обрзува страните!! Важно е дека се запознаат членовите на Комитетот, во тој случај!!
САМО РЕЗОЛУЦИЈА МОЖЕ ДА ЗАМЕНИ РЕЗОЛУЦИЈА
Во став 5 на член 20 се вели дека со влегување во сила на овој Договор, ќе се сметаат за решени разликата и прашањата од Резолуциите 817(1993) и 845(1993). Веќе нотирав дека во нив нема друга разлика освен онаа за името, но во овој Договор, е проширена надлежноста, за да се овозможи ultra vires постапување !! Сметам дека не може со Договор да се заменат резолуции, односно дека е потребна нова резолуција.
Во став 6 на член 20,се задолжуваат страните, или една од нив (??) да го извести Генералниот секретар за нејзиното влегување во сила.
СПРОТИВНА НА ПОВЕЛБАТА, СПРОТИВНА НА IUS COGENS
Во став 7 на член 20, се нотира дека Договорот не е насочен против било која држава, ентитет, или лице, ниту ги загрозува правата и должностите што произлегуваат од билатералните и мултилатералните спогодби што се во сила, а кои двете страни ги склучиле со други држави или меѓународни организации!! Јас веќе реков дека Договорот е спротивен на ПОвелбата на ОН, зошто Република Македонија е принудена да преговара за своето име , како и за идентитетот, историјата, уставот, правниот и политичкиот систем! Тој не води сметка дека признавањето е билатерален однос и ја доведува Република Македонија во понижувачка положба да бара признавање под новото име, што никогаш не би го прифатила, ако не е заканата со вето за влез во НАТО и ЕУ, иако Грција со Привремената спогодба се обврза да не ја кочи, а кога не го испочитува член 11, Македонија ја тужеше и таа го изгуби спорот.
Освен тоа, и правото на секој граѓанин на Република Македонија му е ограничена „слободата да го избере името на сопствената држава и нација“, што спаѓа во доменот на неговиот личен избор, идентитет и интегритет од сопствената држава и/или институција инволвирана во решавањето на “разликите околу името“. Правото на користење на слободно избраното и доживеано име на државата и нацијата на која што и припаѓа, би можело да се смести во заштита на приватниот живот на човекот , вклучително во членот 8 (2)на Европската конвенција за правата на човекот. Поединецот има право да го употребува името на сопствeната држава и нација , како индивидуално право.
ПРИВИД НА РАМНОПРАВНОСТ ВО ЗАВРШНИОТ ЧИН
Во став 8 на член 20, се утврдува дека Првата страна ќе ја спроведува оваа спогодба во согласност со нејзините обврски што произлегуваат од нејзиното членство во ЕУ и други меѓународни организации и во други меѓународни, мултилатерални или регионални организации, како и во согласност со други меѓународни инструменти. Втората, во согласност со нејзините обврски што произлегуваат од нејзиното членство во мулилатерални, или регионални организации, вклучително и оние поврзани со ЕУ, по предлогот за нејзино пристапување во членство.
Горенаведново, Грција требаше да го прави според Привремената спогодба, но не го правеше, па во пресудата од Меѓунарадниот суд во Хаг беше прогласена за виновна за кршење на член 11 Спогодбата. Судот во пресудата истакна дека понатамошното непопречување се подразбира, во рамките на обрската за постапување in a good faith.
НЕ Е БИБЛИЈА И СПРОТИВНА Е НА МЕЃУНАРОДНОТО ПРАВО
Според став 9, одредбите од оваа Спогодба се неотповикливи, односно остануваат во сила за неопределен период. Не се дозволени измени на одредбите од член 1, став 3 и 4!! Наведните одредби на кои им се гарантира “вечност“(eternity clause) се спротивни на jus cogens нормите на меѓународното право , вградени во Повелбата на ОН како: еднакво право на самоопределување на нациите, еднаков суверенитет и независност, немешање во внатрешните работи. Според член 53 од на Vienna Convention on the Law of Treaties (VCLT): „меѓународниот договор е ништовен ако содржи норми спротивни на jus cogens нормите на меѓународното право“!! И нашиот Уставен суд би можел да се одважи и сам да иницира постапка за кршење на член 8, став 1, алинеа 11 од нашиот устав, во кој “почитувањето на нормите на меѓународното право“ е темелна вредност на уставниот поредок!! Кога би го сторил тоа, би останал запишан засекогаш во одбраната на jus cogens,како основа на ОН, бранејќи го не само Уставот на Република Македонија, туку и владеењето на правото!!
Промената на името на една држава, на барање на друга, во чие име нема ниту еден заеднички збор, е непознат политички и правен феномен.
Поставувањето дополнителни услови на држава –апликант за прием во ОН, по донесувањето на Резолуцијата на Генералното собрание 113/II од 1947, Резолуцијата на Генералното собрание 197/III од 1948 и Советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од 1948 е преседан, спротивен на Повелбата на ОН и незините jus cogens начела.
Промената на Уставот и уставното име на една држава со билатерален договор е непозната уставна пракса.
Во ера на постмодерен конституционализам, свесна сум за поврзаноста на националното со меѓународнотон право, но во т.н „ спор за името на Република Македонија, токму основните норми на меѓународното право ( ius cogens) се прекршени. Уште еднаш, Хаек и Дајси го изгубија фудбалскиот меч ( Jutith Shklar).
Гордана Сиљановска – Давкова
Објавено во Експрес.мк