Апасиев го разобличува Невладиниот Сектор во Македонија платен од Странски државни пари

Пионери, пионерки, сороспии и граџански ѕверки (против подмитената енџиовштина и цивилното слугување на натоизмот)

Деновиве се дознаа неколку пикантни работи за македонскиот искомпромитиран НВО сектор или, барем за она што преостана од него – откако неговите полуписмени перјаници од невладин се прешалтаа во владин. Се откри, на пример, дека некои цивилни петоколонаши и ноторни чаршиски алкохоличари си лапкале странски парички за да водат кампања ЗА гласање на референдумот, а во исто време се акредитирале во ДИК за „непристрастно набљудување“ на истиот тој илегален референдум за „Северна Македонија“!?

Овие трагикомични и маргинални ликови, како некои паднати ангели на енџиоизмот, се дрзнале, клеветнички и отворено, да ги напаѓаат автентичните левичари и долгогодишни искрени активисти за социјална правда за некакво си наводно „одработување за странски служби“!? Ви звучи познато, нели? Разликата е само номинална. Исто како во времето на груевизмот и „жолтите комбиња“, само што сега го викаме заевизам. И тоа од највисок тип!

Овој позерски шлајм, што после испарената Шарена револуција остана да глуми божемен невладин сектор, ама сега со владини пари – всушност, одработува за теснопартиските агит-проповски агенди на северномакедонските комуњари од СДС(С)М. Како што одминува времето на споулавената и манипулативна кампања и како што нивните пи-ар планери и „прогресивни“ стратези сфаќаат дека ја губат битката за цензусот со движењето #Бојкотирам, нивните тастатури почнуваат да се вжештуваат и да оставаат еден одвратен денунцијаторски впечаток на фаустовите продадени души.

Овие наелектризирани кутри мали хрчки и вазални владини загарчиња, искарани од своите империјални господари, се обидуваат сиот свој бес од сопствената некадарност и општествена небитност да го истурат врз левичарите кои, пази богати, уште верувале во накави си таму „идеали за подобар свет“. Нивната инкомпатибилност со новото време, од ден во ден, се чини дека станува ноторна.

Овие администратори на граџанските интриги, со својата привидна девствена честитост скриена зад темните подочњаци на ситнобуржујската декаденција, поддржани од уредниците на провладините и иновативни куртон-медиуми, ја вадат сета своја фрустрација од тоа што, објективно гледано, тие никогаш и не биле релевантни во јавниот дискурс! Нивната вечерна школа за активизам отиде во стечај кога се продадоа на новите властодршци. Останува да истражиме само по која цена се шитнаа – дали по набавна или по продажна?

Нивната божем непристрастна „критичка критика“ е блуткава како застоена вода! Таа се провлекува низ сите нивни квазиидеалистички црева, за да излезе од корупката на нивните чисто мисловни борби. Овие Џабе Дераловци, Амон Сраловци, Ураниумски Пираневци и другите ситнодушни буржуи од нивното одделение за понављачи, разочарани од поминатата младост во лагите на капитализмот, лесно поминуваат во наводна крајна револуционерност, но се неспособни да пројават владеење со себе, организираност, дисциплина и упорност во Борбата против недемократските режими и заробената држава.

Овој егземплар на подетинест и подивен човек, патетичен и „побеснет“ од ужасите на капитализмот – па тоа ви е една општествена појава својствена, слично како и платениот активизам, на сите неолибералистички земји. Ама непостојаноста на таквата фразерска револуционерност, нејзината бесплодност, својството брзо да се претвора во покорност, апатија, фантастика, дури и во бесен занес по оваа или онаа помодарска струја – сето ова се чини дека е општопознато. Затоа, да се изразам во еден рациновистички дух на мојот сограѓанин, првата домашна задача на левичарите ќе биде Рушењето на овој малограѓанско-дефетистички дух  на ситничаво филистерство и тотално делегитимирање на ова штетно, грдо и прерачунато трезвено политикантство.

Особената форма на вина и нечиста совест – поради тоа што длабоко во себе мислите едно, а пишувате и пропагирате друго – се пројавува во оној вид на красноречивост и нагиздена благоглаголивост, во која либералната плиткост се надувува како некој величествен балон. Ама од сапуница. Па дури и обичниот човек, неупатен во кавгите на активистичките ликови, многу лесно забележува дека токму овие подмитливи платеници, кои веруваат само во своите бруто или нето-дневници, ни зборуваат за „европски вредности“; дека овие интелектуално промискуитетни дечки, кои пола живот го минаа кркајќи си странски парички, обвинуваат други за наводна соработка со „странски служби“; и дека овие недостоинственици и фејкерски елитисти, целите мртви во духот, највеќе го изговараат зборот „живот за сите“…

Жал да те фати кога гледаш како овие некогашни проминентни граѓански активисти и борци за човекови права, кои репризно се изредија во топ-темашките дебатни емисии на купените медиуми, ги отапија острилата на своите не така дамнешни „беспоштедни критики“ – сега учтиво бирајќи ги зборовите упатени до нивните другарчиња, а сега владини чиновници, само и само да не ги налутат овие нови бирократи. Оти така ќе им секнат нивните напумпани директорски хонорари и проектни фондови за сè и сешто, и за уште по нешто.

Овие бедни карактерчиња, кои со нивните фалбаџиски проектчиња заглибија во ежедневните тривијалности на вечната транзиција и бескрајната „реформа“, ги премолчуваат новите социјални неправди предизвикани на секој чекор од новите политички пандури, аминувајќи го службеното варварство на владината цензура и илегалната кампања за предреферендумско „перење мозоци“, која брутално го малтретира народниот дух. Баналните и баханални начини на плукање, кои извршија толку истрошен кружен тек на мислата на овие недоквакани wannabe интелектуалци, ни го откри нивниот блескав дијалектички подвиг – тоа што од петни жили се обидуваат да ја убедат јавноста дека нема никаква шизофрена контрадикција во тоа да се викате ЦИВИЛ, а да агитирате за влез на прекрстената „Северна Македонија“ во милитарниот НАТО пакт, кој патем речено убива невини дечиња ширум Третиот свет и статистички ги прогласува за „колатерална штета“!?

И притоа, очекувате никој нормален, разумен и воспитан човек да не се подјебава со тој ваш голем напор од малиот мозок – да го убедите во неубедливото. Па, господа апологети и цицачи на Новиот режим, немојте да очекувате дека храбрите неподмитливи фајтери од Левица ќе бидат измамени од оваа смешна фарса. Вашата страст кон претерување не ве прави само сиротки во очите на лаичката јавност, туку ве прави и патетични во очите на вашите поранешни „соборци“ од левицата.

И тука, во овој најважен историски пресврт, да си ги врзуваме однапред рацете, да му кажуваме отворено на нашиот класен непријател кога и каде ќе војуваме со него – па тоа е глупост, а не револуционерност. Затоа, вие „милитантни (не)владини социјалдемократи“ не истоварајте го своето инфантилно доктринерство врз масите. Оти ќе бидете прегазени! И вие и вашите журналистички фабриканти и подбуцнувачи.

Ете затоа: Да бидеме реални. Да го бараме „невозможното“.

#НемаПравдаНемаМир

#Бојкотирам

 

став на членот на Президиумот на Левица, Димитар Апасиев