РЕФЕРЕНДУМСКИ ШОК КОРИДОР!

 

Пишува Гордана Силјановска

 

Една недела отсуствував од „Европска“ Македонија! Бев во Стразбург, а потем во Белград, на летна школа за ЕУ, на која воведничари беа професори и докторанди од Франција, Германија, Србија, Косово и Македонија, чии тези се фокусирани на ЕУ. Моето излагање беше насловено : „Западниот Балкан пред портите на ЕУ: каде е клучот“?? Уживав во страсниот дијалог, во критичката духовна храна, во дебатата..

За миг, заборавив на референдумското реално шоу кај нас.

Се вратив. Иако се плашев од лошите духови од телевизиската кутија, посегнав по неа . Ме пречека една од епизодите од сапунската серија: „Како да се протурка и замаскира промената на државното име “, што секојдневно се емитува речиси два месеци.

Главен јунак е премиерот, важни улоги имаат министри и пратеници, лидери на невладини организации, новинари, ангажирани реал- професори.. политички аналитичари.. Во епизодата што одеше, премиерот, повикуваше и ветуваше почитување на гласот на граѓанинот на „историскиот“ референдум. Се запрашав: може ли референдум што по Уставот и законот е задолжителен, а се третира како консултативен, да биде историски?

На друг канал, на прашање за карактерот на рефрендумот, премиерот објасни дека референдумот е „консултативен“, па надлежните органи го имаат последниот збор…. Следеше „ мисловна бравура “ за начинот на оценка на (не)успешноста на референдумот, небаре условите не се утврдени во Уставот и законот, па треба да имровизираме како во џез.
Серијата вклучува и дебати, а дебатери се министри, пратеници, новинари, интелектуалци.. …

Се нижат стотина реклами и спотови, сите од ист нарачател: Собранието, иако е тоа непознато искуство во компартивната рефрендумска кампања. Познати лица од културниот, забавниот, спортскиот, образовниот.. живот, ЈАВНО ГЛАСААТ „за“ , небаре сме ги завршиле преговорите со ЕУ, или сме добиле покана за НАТО и се чека на нашиот збор. Се изјаснуваат во името на децата и внуците, заборавајќи дека името што го наследиле од претците, треба да им го остават на потомците !

Кон владино-невладината коалиција „За Европска“ Македонија, итаат дузина актери, како „ засегната страна“ под „(ПРО)ЕВРОПСКИОТ“ чадор!! Дури и некои пратеници од првиот парламентарен состав се огласија како подржувачи на „историската“ одлука , иако гласаа за Декларацијата за самостојна и независна Македонија, како и за самостојна и независна Македонија во 1991 год.

Владата, пратениците од власта и нивните обожаватели го окупираа медиумски простор 24 часа. Неуморно се борат за „ЕВРОПСКА “ ВИСТИНА, зборувајќи за ЕУ, иако е далеку од нас барем 15 години, ама, не изустувајќи ни збор за името. Најангажираните и највредните новинари ќе добијат БЕНЕФИЦИРАН стаж за невидената посветност на високата цел и за волшебничките комуникациски способности и византиски вештини во менаџирањето на референдумот, вежбани во Шарената револуција, парламентарните и локални избори.

Следат вести и не ми се верува: формирана е Комисија на Јавното обвинителство што ќе ги следи евентуалните нерегуларности на референдумот! Како не се сетија да го овластат Специјалното обвинителство! Веројатно знаете дека според Изборниот законик, Управниот суд на Република Македонија е надлежен за заштита на правата од изборниот процес, а по аналогија би требало и за референдумскиот, ама, во трката под меѓународно-грчкиот диктат, во брзината, заборавиле дека во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување од 2005 год, останала надлежноста на Врховниот суд за повредите во референдумскиот процес!!!

Надлежните, од негрижа и непрофесионалност не смениле надлежноста, а можеби, повеќе сакале да одлучува Врховниот суд, наместо Управниот!!
Ја чув изјавата на портпаролот на Владата која како „засегната страна“, во улога на „чувар на државната вистина“, ќе ги следи и ќе реагира на лажните вести на социјалните мрежи ??? Па, нели Државната изборна комисија законски ја овластија да ги следи социјалните медиуми, иако секаде е тоа надлежност на телата за аудио-визуелни услуги? Каде е правниот основ за новото овластување на „Супер“ Владата ?

.. Го видов и спотот во кој се (зло) употребуваат некогашни изјави на функционери на опозицијата или носители на високи јавни функции за нужноста од ЕУ и НАТО интеграцијата, без да се каже дека ни на крај на умот не им било да го жртвуваат, или трампаат уставното име за отстранување на грчкото вето! Негативната кампања е знак на немоќ, а манипулацијата – на политичката недозреаност. Најлошо е кога зад вакви спотови стои Собранието, зошто тоа во државите на ЕУ, но и пошироко , било и ќе биде дом на сите пратеници, а не само на оние од власта, како во (НЕ) Европска и (НЕ) демократска Македонија, односно во „Северна Македонија“!!

Доживеав видео ШОК!! Како во латинско-американска држава, Премиерот, небаре ВОДАЧ на „ЧЕТВРТИОТ ИЛИНДЕН“, „наследник “ на Питу Гули, или Никола Карев, во улога на привремен „претседател на државата“, пред споменикот на Мечкин камен, опкружен со гардистите, не повикува на референдум !! Веројатно сценариово било за „ИЛИНДЕНСКА МАКЕДОНИЈА“, ама … може и за Северна Македонија!!

Го изгасив телевизорот….. и го повикав Свети Павле!!

 

Објавено во експрес.мк